Освен туризмот ништо друго не ме интересира, напиша на својот профил на Фејсбук Аркан Керим откако денеска советникот Луке Галески побара од градоначалничката на Скопје Данела Арсовска да одговори дали тој е мотивот за нејзините постапки во врска со проектот за Прочистителна станица во Скопје.

Навистина ми е смешно да ме претставуваат како експерт за водовод и канализација кога освен туризмот ништо друго не ме интересира. Најодговорно ги отфрлам сите шпекулации. Ниту сум турски државјанин, ниту сум имал комуникација со актуелното градско раководство по ниеден основ. Категорично и целосно ја отфрлам содржината на изјавата како невистинита и тендециозна. Тврдам дека немам никаква поврзаност со турската компанија за која што се тврди дека е учесник на тендерот за изградба на пречистителна станица во Скопје. Јас, како претприемач и стопанственик долги години работам во секторот туризам и угостителство и ниту со актуелното градско раководство имам некаква комуникација иако како претседател на ТУК би требал да имам интензивна соработка со Град Скопје за афирмација и заеднички проекти во сферата на туризмот и промоција на Скопје како дестинација за посета на странски туристи, напиша тој.

Можеби мотивот зошто тоа го направивте лежи во овој лик тука. Овој човек се вика Аркан Керим и јавно ја прашувам градоначалничката дали го познава ова лице и дали ова лице има поврзаност со турската компанија со која што медиумите, не знам од каде дознале, дека е учесник на тендерот вреден 160 милиони евра – ја праша Галески Арсовска.

Керим е претседател на Комората на туристички агенции, хотели, превозници на патници и ресторани при Сојуз на стопански комори на Македонија и претседател на совет во Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во РМ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.