Народната банка води приспособлива монетарната политика во изминатиот период, заради ублажување на ефектите од здравствената криза врз економијата. Во последниот период сите се соочуваме со нови макроекономски услови коишто се карактеризираат со значително зголемено ниво на цените на енергентите и прехранбените продукти, што се нагласува дополнително со тековната безбедносна криза. Во такви околности, Народната банка внимателно ги следи движењата и прави анализи за преземање мерки коишто ќе овозможат балансирање на ефектите од сѐ повисоките цени, со потребата од одржување соодветна поддршка на економијата. Македонскиот банкарски систем го има капацитетот да се справи со евентуални шокови, а истовремено да му пружи солидна кредитна поддршка на реалниот сектор. Ова беше посочено на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и регионалната директорка на Светската банка за Западен Балкан, Европа и Централна Азија, Линда Ван Гелдер, на која присуствуваше и директорот на Канцеларијата на Светската банка во земјава, Масимилијано Паолучи.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека внимателно се следат факторите коишто придонесуваат за зголемување на цените во домашната економија. Притоа, со тековната состојба во Украина значително се зголемија неизвесноста и променливоста на движењата на меѓународните финансиски пазари. Во однос на поставеноста на монетарната политика, таа посочи дека вниманието на Народната банка е насочено кон одржување соодветен баланс на поставеноста на монетарната политика којшто ќе ја поддржи економијата, со истовремено одржување на ценовната стабилност и стабилноста на домашната валута.

Директорката Ван Гелдер заклучи дека на глобално ниво се воочува значителен макроекономски шок којшто ќе има последици за глобалната економија. Ова ќе има влијание и врз македонската економија, при што според неа, треба да се осмислат соодветни политики коишто ќе ја поддржат економијата. Воедно, неопходно е да се продолжи со примената на политиките коишто овозможуваат соодветни структурни промени на домашната економија.

Светската банка е присутна долги години со проекти коишто му даваат значителна поддршка на економскиот раст и развој на државата, а очекувањата се дека и понатаму активно ќе поддржува проекти со коишто се постигнува економска благосостојба.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.