Македoнската ракометна федерација (РФМ) ја информира јавноста дека ќе ги субвенционира 40 отсто од цената на билетите од категорија 2 и од категорија 3 кои ќе бидат купени во периодот од 2. до 9. ноември.
Во согласност со барањата на љубителите на ракометот за обезбедување дополнителна пониска ценовна категорија на билети, Ракометната федерација на Македонија, по добиеното одобрение од европската куќа на ракометот, ќе субвенционира 40 % од износот на билетите од категорија 2 и од категорија 3, купени во периодот од 2 до 9 ноември 2022 година преку овластените агенции „Евентим“ и „МК тикетс“.
Попустот на билетите за натпреварите на нашиот национален тим во групата Ц ќе се пресметува од денеска во 11 часот, а средствата за оваа намена ќе бидат обезбедени од спонзорите на РФМ.
Натпреварите против селекциите на Франција, Холандија и на Романија нашите ракометни сениорки ќе ги одиграат во Арената „Борис Трајковски“ на 5, 7 и на 9 ноември со почеток во 18 часот.
Ракометарките се подготвени, а националната арена е целосно опремена според стандардите на ЕХФ за да ги прими љубителите на ракометот од целиот континент. Капацитетот на салата, во согласност со стандардите за ова првенство, е максимум 5000 седишта, а досега се продадени околу 2000 билети.
Им благодариме на сите љубители на ракометот и на целата македонска јавност за досегашната поддршка. Навиваме од срце! За кого? За Македонија!, стои во соопшението на Ракометната Федерација на Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.