Женската сениорска ракометна репрезентација го завери пласманот на Европското првенство на едно коло пред крајот на квалификациите, но избраничките на Грчевски денеска покажаа дека неслучајно местото им е на завршниот турнир.

Нашите девојки со стил го заверија пласманот на континенталното натпреварување во меч во кој немаше голем императив за победа, но факт е дека сите покажаа максимално залагање и огромна желба за победа.

Македонија ја надигра Литванија и со 34:24 запиша четвртата победа во квалификациите, а триумфот е уште поважен ако се знае дека не играше Сара Ристовска.

Девојките на Грчевски ги контролираа случувањата на теренот во текот на целиот меч и беа за неколку класи подобри од ривалките, за што сведочи и двоцифрениот триумф остварен на крајот.

Ризоска и Седлоска беа најефикасни во нашиот табор со по шест постигнати гола, додека најдобра ракометарка на теренот беше Арчишевскаја од противничкиот тим која постигна дури десет погодоци.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.