Претседателката на Металург, Зорица Блажевска зборуваше на прес-конференцијата по повод суспензијата од Суперлигата. Ракометната федерација на Македонија реагираше по упатствата на Европската ракометна федерација (ЕХФ) и поради неисплатените плати и тужбите од Шпенде и Кастратовиќ, клубот од Автокоманда беше санкциониран.

Блажевска откри дека долгот на Металург е 65.000 евра, но истиот ќе биде повисок ако се пресметаат сите плати кои Кастратовиќ ги бара (90.000 евра). Според неа, доколку не беше ковид-кризата сè ќе беше поинаку, а нагласи дека и Минчо Јорданов сè уште не се откажал од клубот.

Долгот на клубот е 65.000 евра за овие два случаи (Шпенде и Кастратовиќ), но доколку се додадат и сите плати што ги бара Кастратовиќ, таа бројка би била 90.000 евра. Минчо Јорданов инвестираше пари кога најмногу требаше. Не може да се оспори неговата поддршка. Да не беше ковид-кризата работите ќе беа поинакви. Сите гледаат да ги спасат своите бизниси. Можам само да потенцирам дека Минчо Јорданов не се откажа од Металург, изјави Блажевска на денешната прес-конференција.

Металург мора да ги реши проблемите и да најде заеднички јазик со Ракометната федерација на Македонија (РФМ) и Европската ракометна федерација (ЕХФ) пред да се врати на терените. Доколку не успее во тоа, многу лесно може да заврши во вториот ранг на македонскиот ракомет.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.