Македонската женска ракометна репрезентација загуби вечерва на гостински терен од Шпанија со 24-20 во рамки на 4. коло во квалификациската група 5 за пласман на Европското првенство.

За разлика од првиот дуел одигран во Скопје во четвртокот кој Шпанија рутински го реши во своја корист со 31-19, македонските ракометарки одиграа многу поквалитетно на реваншот и две третини од натпреварот во Ланзароте беа рамноправен противник.

По почетното водство на македонските ракометарки од 3-1, Шпанија поведе со 7-5, но избраничките на селекторот Кристијан Грчевски вратија со серија од 3-0 за нова предност од 8-7.

Шпанија на полувремето замина со минимално водство од 10-9, а македонските ракометарки одржуваа резултатска неизвесност до 40 минута, кога домаќинките при резултат 12-11 со серија од 7-1 дојдоа до недостижна предност.

Кипријановска и Маџовска постигнаа по три голови, додека Коларовска, Гичевска и Ристовска по еден помалку.

Во вториот натпревар од 4. коло во квалификациската група 5, Литванија денеска го совлада Азербејџан со 41-26.

Шпанија води на табелата со максимални осум бодови, пред Македонија на второто место со четири, а Литванија на третото и Азербејџан на четвртото место имаат по два бода.

До крајот на квалификацискиот циклус македонските ракометарки ги очекуваат дуелите против Азербејџан на гостински терен на 3 април и Литванија на домашен терен на 7 април.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.