Иницијативата Отворен Балкан претствува отворена можност за непречена билатерална или мултилатерална соработка на сите можни полиња, вклучително и во спортот и ја афирмира довербата, која е најкус пат до подобра иднина, изјави поранешниот премиер Зоран Заев на симпозиумот „Отворен спортски Балкан“ организиран од Асоцијацијата на спортски новинари.
-„Отворен спортски Балкан“ е насловот на една од работните сесии на вчерашниот симпозиум на Асоцијацијата на спортски новинари. Тоа ме поттикна да зборувам за регионалната соработка и за иницијативата Отворен Балкан која треба да биде вистински урнек и за другите земји од регионот па и пошироко, затоа што на најубав можен начин ја промовира и афирмира довербата, како искрена форма на изнаоѓање најкус пат до прогресот и подобрата иднина, објави Заев на неговиот фејсбук профил.
Тој додава дека ние може да се разликуваме по многу нешта, но заеднички треба да ни биде стремежот кон таа иднина.
-Отворен Балкан не е ништо друго, туку отворена можност за непречена билатерална или мултилатерална соработка на сите можни полиња, вклучително и на полето на спортот. Така се гради пријателство. Така се оди напред. Така се чува и надградува мирот, порачува Заев кој на симпозиумот што се одржа во Струмица доби плакета од спортските новинари на Југоисточна Европа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.