Австралиските власти вчера ѝ ја укинаа визата на чешката тенисерка Рената Ворачова и таа беше „приведена“ во хотелот за мигранти во Мелбурн, каде е сместен и Новак Ѓоковиќ. Во телефонски разговор за чешкиот весник „Лидове Новини“ таа вели дека иако ја приведуваат по една недела и тоа е поради ситуацијата со српскиот тенисер, таа сака тој во понеделник да го освои судскиот случај.
Од една страна ова што ми се случи е и поради Новак. Мислам дека не сум единствена, медицинско изземање е дадено на уште неколку луѓе. Но, во исто време сакам да го пуштат да игра. Ние сме спортисти, дојдовме во Австралија поради тенисот и не се занимаваме со спорови. Ги прочитавме правилата, ги исполнивме условите и по втората контрола од комисијата добивме медицинско изземање за вакцинација. Не гледам причинада седиме затворени во хотел, вели Ворачова.
Тенисерката вели дека е убаво што Ѓоковиќ има поддршка од навивачите кои се собираат пред хотелот за мигранти во Мелбурн во кој и таа се наоѓа, се додека не се реши спорот. За разлика од Ворачова која се откажа од жалба и ќе се врати во Чешка, Ѓоковиќ во понеделник ќе дознае дали ќе може да настапи на Австралија Опен или ќе биде депортиран.
Се надевам дека Ѓоковиќ в понеделник ќе победи на суд. Но, во мојот случај сè се оддолжи за неколку дена. Не сакам да губам време поради политичката војна која се води тука. Мислам дека федералните власти поради Ѓоковиќ најдоа дупка во законите на сојузната држава Викторија. Сега неговите адвокати можат можат да најдат дупка во федералните закони, додава чешката тенисерка.
Ворачова не се вакцинира против коронавирус, но минатиот месец беше позитвна на ковид-19 со што ги исполни сите услови за да добие дозвола за настап на Австралија Опен. Таа во декември пристигна во Австралија и немаше никакви проблеми по проверката на документите и веќе настапи на еден турнир, но кога изби аферата со Ѓоковиќ, таа беше префрлена во хотелот за мигранти во Мелбурн од каде ќе биде депортирана во Чешка.
Не се однесуваа ниту грубо ниту вулгарно, но некои работи не се пријатни. Се чувствувам како во затвор, а најлошо ми беше кога ми соопштија дека ќе ми ја укинат визата, вели Ворачова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.