Шпанскиот тенисер Рафаел Надал нема да учествува на турнирот во Индијан Велс.

– Со голема тага морам да се откажам од овој неверојатен турнир. Сите знаат колку го сакам ова место и колку сакам да играм овде во Индијан Велс. Ова е и една од причините зошто дојдов во САД многу рано да тренирам и да се подготвам. Работев и тренирав напорно и сите знаете дека го поминав тестот викендов, но не сум подготвен да играм на највисоко ниво на ваков важен настан. Ова не е лесна одлука, навистина е тешко, но не можам да се лажам себеси и да лажам илјадници фанови. Ќе ми недостигате сите и сигурен сум дека турнирот ќе има голем успех, напиша Надал на социјалните мрежи.

Оваа сезона 37-годишниот Шпанец настапи на турнир во Бризбејн, каде во четвртфиналето загуби од Австралиецот Џордан Томпсон. На истиот натпревар, тој се здоби со повреда на колкот, поради што го пропушти Австралија Опен во 2024 година, а исто така се повлече од турнирот во Доха.

Турнирот во Индијан Велс почна вчера и ќе трае до 17 март.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.