Новак Ѓоковиќ одбива да се вакцинира поради што беше избркан од Австралија и го ризикува настапот на Ролан Гарос, па сите надежи ги полага во лек против ковид-19. Најдобриот светски тенисер поседува мнозинство акции во данска биотехнолошка фирма која се обидува да развие лек против ковид-19, објави нејзиниот извршен директор Иван Лончаревиќ.

Тој откри дека Ѓоковиќ во јуни минатата година купил 80% од акциите на „Квантбиорес“, но одби да каже колку платил за тоа.

Оваа компанија развива пептид, кој го спречува коронавирусот да ја зарази човечката клетка и се очекува да почне со клиничките тестирања во Велика Британија ова лето.

Фирмата развива лекарство, а не вакцина, нагласува Лончаревиќ, додавајќи дека таа има десетина истражувачи кои работат во Данска, Австралија и Словенија.

Според данскиот регистар на компании, Новак Ѓоковиќ е сопственик на 40,8%, а неговата сопруга Јелена на 39,2% акции.

„Форбс“ го вклучи Ѓоковиќ меѓу 50-те најплатени спортисти на светот во 2021, откако заработил 4,5 милиони долари на тениските турнири, а повеќе од 30 милиони надвор од тенисот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.