Синоќа, доцна во ноќта, официјално беше ставен крај на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз, а ѕвезда на вечерта беше Том Круз.

Симболично, олимпиското знаме беше предадено на градоначалничката на Лос Анџелес Карен Бас која ќе биде домаќин на следните ЛОИ кои ќе се одржат во 2028 година во ЛА, но спектакулрното шоу му припадна на славниот холивудски актер. Круз скокна од покривот на стадионот „Сен Дени“ меѓу насобраните спортисти и навивачи и предизвика одушевување кај публиката.

Веднаш потоа со знамето отиде до својот мотор и се упати кон Холивуд, односно Лос Анџелес.

Во церемонијата на затворањето на Игрите беа вклучени повеќе од 100 танчери, циркуски уметници и други изведувачи.

Уметничкиот директор Томас Џоли откри дека церемонијата на затворање била замислена како „комбинација на чудо и дистопија“, а како дел од церемонијата, Златниот патник се спуштил на стадионот за да ги води гледачите низ историјата на Олимписките игри, додека акробатите ги обновија и ги подигнаа познатите пет прстени на Игрите.

Светски познатиот француски бенд „Phoenix“ направи музички спектакл и со своите хитови ја крена публиката на нозе.

На свеченото затворање настапи и францускиот бенд „Air“, кој го отвори настапот со хит песната „Playground Love“.

На свеченото затворање настапи и бендот „Red Hot Chilli Peppers“ со песната „Can’t Stop“ и Били Ајлиш.

Прикажан е и настапот на најголемата вирална ѕвезда на овие Игри, раперот Снуп Дог и Др. Дре, кој беше еден од последните носители на олимпискиот факел низ Париз на свеченото отворање.

Олимписките игри во Париз беа затворени со песната „My Way“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.