Триатлон натпреварот Stopanska Triogy Triathlon 2022 ќе се одржи утре во Скопје. Централно место за реализација на натпреварот е СЦ „Борис Трајковски“, каде ќе биде стартот и целта, а на базенот ќе се реализира пливањето. Возењето велосипед ќе се реализира на булеварот „Илинден“ сè до исклучувањето кон „Скопје Сити мол“ и назад по десната коловозна лента. Делот од трчањето се изведува околу паркинзите на СРЦ „Борис Трајковски“. Поради тоа, тој дел на булеварот „Илинден“ во периодот од 8.30 до 13.30 часот ќе биде затворен за сообраќај.
Организатор на натпреварот е триатлон клубот „Триоги Рејсинг“ заедно со техничкиот организатор Триатлон Федерацијата на Македонија. Главниот град повторно ќе биде место каде што ќе се слави триатлонот – спорт кој е брзорастечки во светот, а и кај нас добива сè поголемо внимание.
Повеќе од 200 натпреварувачи од Македонија, Бугарија, Србија и од Косово ќе учествуваат и на голема радост квотата што може да се реализира во базенот „Борис Трајковски“ беше исполнета неколку дена пред крајот на рокот за пријавување.
Радосни сме што интересот за триатлонот расте и кај нас, а за тоа зборува и интересот да се учествува на ваква трка. Скопје заслужува да има триатлонска трка и се надеваме дека нашиот ентузијазам ќе биде мотивација за приватниот сектор и за институциите да го поддржуваат реализирањето на ваков тип натпревари, вели Данчо Ѓорѓијевски, основач на „Триоги Рејсинг“.
Натпреварот ќе се бодува и ќе биде дел од државното триатлон првенство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.