И покрај успесите во Италија, мојата најголема желба е да бидам дел од македонската теквондо репрезентација, вели 16-годишниот Михаил Гацов кој реди успеси и медали во новиот дом, но сака да ги брани црвено-жолтите бои.
„Сител“ ја пренесува сторијата за ова момче родено во Македонија, кое најраното детство го поминало во Свети Николе. Токму таму се родила и неговата љубов кон теквондо, спорт кој денеска е негово секојдневие, но и причина за гордост. Љубовта која се родила во Свети Николе, прераснала во реалност откако неговото семејство пред неколку години се преселило во Италија. Михаил ја искористил можноста и веднаш се зачленил во клубот Black Tiger, во Мерано. Во овој клуб младиот Гацов ги стекнал првите вештини, а со помош на неговиот тренер Раби Буготаја успехот бил неизбежен па денеска е носител на повеќе од 20 златни медали освоени на повеќе државни натпревари во Италија, но и на меѓународните турнири во Швајцарија и Австрија. Иако има само 16 години, засега успешно менаџира помеѓу училиштето и спортот. Тренира четири пати неделно, а за да се постигне добар резултат, како што ни открива Михаил, еден тренинг трае по најмалку два часа.
Овој спорт, како и секој друг спорт бара дисциплина, посветеност, но и физичка и психичка подготвеност. Најголема посветеност има пред турнири, а тогаш покрај интензивните тренинзи морам да се придржувам и на посебен режим на исхрана. И покрај сето ова најголемо задоволство ми е кога по напорната работа ќе постигнам добар резултат, вели Михаил.
Во моментов има црвен појас, а само уште два чекори го делат од највисокиот степен во теквондото, односно освојувањето на црниот појас. Шеснаесет годишното момче меѓу другите успева да ги освои и златните трофеи на Golden Roof Insburg Cup Austria, Insubria Cup Busto Arsizio, Milano Dolomite Cup Schio- Veneto, Taekwondo Day Sud Tirol, а како што ни откри, посебно горд е на златото освоено во Австрија, каде вложил и најмногу труд борејќи се со противници од потешка категорија, носители на црн појас.
И покрај успесите во Италија, мојата најголема желба е да бидам дел од македонската теквондо репрезентација. Нема поголема чест од тоа да ги претставувам и бранам боите на македонското знаме, вели Михаил Гацов.
Тинејџерот роден во Македонија од срце им препорачува на сите млади да се бават со спорт, затоа што позитивните влијанија на боречките вештини се големи. Тој е голем вљубеник во боречките вештини а не ги пропушта ниту UFC натпреварувањата, а негови идоли се пензионираниот Карло Молфета, но и македонскиот олимпиец Дејан Георгиевски кој освои сребрен медал на олимпијадата во Токио. Михаил Гацов е среќен што неговите чекори веќе ги следи и неговиот помал брат Јован кој две години е член на истиот клуб во Мерано, Италија и ги постигнува првите успеси.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.