Кик-боксинг клуб „АС“ од Делчево се наоѓа во Јагодина во Србија каде што викендов ќе настапи на Балканското првенство „Балкан Бест Фајтер“. Тренерот на екипата Љупчо Стојчевски информираше дека на Балканското првенство клубот од Делчево ќе учествува со петмина свои претставници.

Андреј Митков ќе настапи во дициплините поинт-фајт и кик-лајт за кадети до 42 кг, потоа Павел Стојчевски ќе настапи во јуниорска конкуренција во дисциплината кик-лајт и лајт-кик до 63 килограми. Свои борби во кик-лајт и поинт фајт ќе имаат Лука Пешов и Максим Јанлукуловски, додека во највозрасната категорија ќе се бори Арнес Хајдер, информира Стојчевски.

Како што додава Стојчевски, тимот е добро подготвен и затоа се надева на освојување на повеќе медали од своите избраници.

Конкуренцијата е навистина голема, знаеме дека има натпреварувачи од повеќе балкански и други земји, но добрата подготовка ми дава надеж дека ќе освоиме медали во дисциплините во кои ќе се натпреваруваат нашите претставници, вели Стојчевски.

Делчевските кик-боксери од последните неколку учества на турнирите на Балканот се вратија со неколку медали, а на дел од тие турнири тренерот Стојчевски ја имаше и улогата на Меѓународен судија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.