За мене заврши и последната трка, трка која е пред почетокот на една од моите животни цели, вистинска љубов и пасија за која живеам целиот мој живот. Оние кои ме знаат добро, знаат колку труд и жртва вложив да бидам дел од Олимписките игри во Париз, на социјалните мрежи пишува македонскиот атлетичар на средни и долги патеки, маратонецот Дарио Ивановски.

За настапот на европското првенство можам да кажам дека го дадов својот максимум со оглед на тоа каков период на опоравок поминав по маратоните и „бркотницата“ за да влезам во ранкингот за олимпискиот сон. Кога ќе ме прашаа како се чувствувам, дали сите овие настапи ме имаат исцрпено, им одговарав кратко… Гладен сум!

 

Бев свесен дека по 4 истрчани маратони во 5 месеци ќе имам некоја ситна последица, но оставив на Бог да ме држи здрав и жив, а јас да останам мирен и фокусиран до крајот на ова патешествие. Европското првенство ми беше еден добар тест дека телото и нервниот систем ми се добро опоравени, а јас повторно останав гладен, гладен за најдоброто што следува од мене.

 

Завршив на 29. место од 60+ натпреварувачи и поставив нов државен рекорд. Можам да кажам дека и во ваква состојба сум конкурентен во Европа, трчав рамо до рамо со огромни шампиони и докажани атлети. За 10 дена заминувам на тренинг камп со @asicsrunning во „Chojo Camp“ #chojocampeurope #soundmindsoundbody и таму ќе останам до олимписките игри. Ви благодарам на сите кои сте дел од мојот олимписки сон, пишува Ивановски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.