Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ изјави дека денешното полуфинале на Мастерсот во Шангај било голем тест за него поради одличната форма на противникот Тејлор Фриц, кого го победи во два сета.
„Секогаш ваквите битки извлекуваат многу од мене, особено кон крајот на турнирот и во оваа фаза од мојата кариера. Морам да се опоравам, имав некои проблеми на теренот денеска и вчера, ги пребродив. Знаев дека ова ќе биде голем тест за мене, Тејлор (Фриц) е во животна форма, игра добро на оваа подлога, добро сервира, не сакав да одам во трет сет“, изјави Ѓоковиќ.
Српскиот тенисер победи со 6:4 и 7:6 во сетови, а во финалето ќе игра против тенисерот број еден во светот, Италијанецот Јаник Синер, кој го совлада 33. тенисер во светот, Чехот Томаш Махач, во два сета, 6:4, 7:5.
„Дојдов во Шангај по пет години неиграње во Кина, каде имав многу успеси, поддршката е феноменална, ми дава енергија што ме тера да одам понатаму. Дојдов со желба да стигнам до финалето и да играм за мојата 100-та титула, а тоа ќе го направам против најдобриот тенисер во светот Јаник Синер“, додаде Ѓоковиќ.
Ѓоковиќ е лидер по бројот на освоени мастер титули во Шангај-четири (2012, 2013, 2015, 2018), а турнирот во Шангај не се играше од 2020 до 2022 година поради пандемијата на Ковид-19.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.