Светот на тенисот е во шок, откако шведскиот тениски тренер и поранешен играч, Питер Лундгрен, почина на 59-годишна возраст. Лундгрен соработуваше со Роже Федерер од 2000 до 2003 година.

Смртта настанала ненадејно, а синот на Лундгрен ја сподели тажната вест на социјалните мрежи.

Почивај во мир тато. Еден од најдобрите не напушти прерано. Тренер, играч, пријател и татко. Тој беше инспирација и им помогна на многумина и на теренот и надвор од него. Впечатокот што го остави, како и спомените ќе живеат засекогаш, напиша синот на Лундгрен.

Пред една година на Лундгрен му беше ампутирана левата нога откако го скрши скочниот зглоб. Тој и пред тоа имал одредени проблеми со дијабетес.

За време на неговиот живот Лундгрен даде неколку интервјуа во кои опиша како е да се биде тренер на Роџер Федерер, еден од најдобрите тенисери на сите времиња, со 20 Грен слем титули.

Никогаш не е лесно да се работи со тенисер, но Роџер во тој период беше многу талентиран, само малку мрзелив, изјави Лундгрен.

Еден од најубавите моменти се случи во 2003 година кога Федерер ја освои титулата на Вимблдон под водство на Лундгрен.

Тоа беше многу посебен момент за нас двајца. Отсекогаш сум сакал да го освојам Вимблдон откако почнав да играм тенис. Како играч стигнав до осминафиналето, што не е лошо, но го добив како тренер, што е нешто што ме радува, изјави тогаш Лундгрен.

Во текот на својата играчка кариера, Лундгрен играше во финалето на Австралија Опен во двојки, а во сингл стигна до второто коло на Австралија Опен, Ролан Гарос и УС Опен, како и до осминафиналето на Вимблдон.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.