Знаменосецот на свеченото отворање на Зимските олимписки игри во Пекинг, Дардан Дехари, е револтиран на односот на Скијачката федерација на Македонија (СФМ) кон него и неговиот тренер Антонио Ристевски.

Ристевски со објава на својот профил на Фејсбук објави дека додека е со Дехари во Пекинг, СФМ бара од него да каже каде е.

Денеска се огласи и Дехари кој е разочаран од односот на СФМ, која ги игнорирала неговите обиди за контакт за да се разговара за неговите репрезентативни активности. Најдобриот македонски скијач исто така е револтиран и од податокот дека Федерацијата не го пријавила за спортскиот ваучер кој би му овозможил да има финансиски средства за подготовки и настапи годинава.

Длабоко жалам што доживеав повреда која ме спречи да се борам на ски патеките на ЗОИ во Пекинг. Иако мојот тренер за да ме заштити, ми забрани да го пишувам ова, јас чувствувам морална и човечка обврска да напишам неколку збора во интерес на вистината. Морам да кажам дека и една од причините за целиот тој напад и омаловажување према тренерот Антонио сум и јас. Антонио беше тој кој цврсто застана зад спортските резултати и го носеше целиот товар изминатава сезона и покрај сите сопки од врвот на Скијачката Федерација.

Замислете, јас како најдобар македонски скијач во моментов, по резултати од мината сезона , не бев ниту повикан, ниту било како исконтактиран од страна на СФМ до денешен ден за било какви активности во врска со репрезентацијата, иако ги имам исполнето сите критериуми да ги бранам боите на Македонија.

На неколку наврати се обидов да стапам во контакт со некој од СФМ, а најмногу со претседателот Циговски за да дознаам што е работата, за што ѝ им испратив уредно допис за моите резултати и програма. Ги потсетив кои обврски како СФМ се должни да ги направат за тековната олимписка сезона (бидејки очигледно не ги знаат моите резултати), но од нив немаше ниту трага ниту глас.

Па така на сопствен трошок и со помош од МОК, заедно со тренерот Антонио им покажавме и докажавме како се работи и дека со пари резултати не се купуваат! Наместо ние да се бориме со нашите противници на терен за што е можно подобар резултат, ние очигледно мораме да се бориме со „нашите” домашни противници .

Замислете , јас сум на ЗОИ да преставувам држава и федерација, а не сум ниту спомнат во листата за ваучери испратена од страна на СФМ до Агенција за млади и спорт. Благодарност до сите кои ми помогнаа сите овие години, а особено последнава сезона , кои несебично и искрено застанаа зад мене за да го остварам мојот животен спортски сон, кој за жал како што сите знаете поради повредата која ја заработив на тренинг тука во Пекинг, нема да можам го остварам во сонот во целост. Но што е тука е , јас одам со главата горе затоа што знам кој сум и што се сум направил во мојата кариера за мојата држава , федерација и националното спортско скијање.

Мојата порака е: Не удирајте по спортистите и тренерите, немојте да ни ја убивате надежта дека спортските успеси се остваруваат на терен, а не на зелена маса и со административни одлуки, пишува Дехари.

Дехари заради тешка повреда на коленото во Пекинг не настапи на планираните трки. Тој се повреди на тренинг. Деталните лекарски прегледи покажаа дека станува збор за кинење на лигаментот поради што врз Дехари во Пекинг е извршен оперативен зафат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.