Во интервју за МИА првиот човек на Кошаркарската федерација одговара на повеќе прашања поврзани со актуелните проблеми, настапот на нашите репрезентативни селекции во квалификациите за Европското првенство и Светскиот куп, состојбата со клупската кошарка, но одговара и на озборувањата и шпекулациите дека се подготвува смена на ракoводството на КФСМ, кои ги отфрла како дрска игра на политичките профитери.

Интервјуто го пренесуваме во целост.

Машката и женската кошаркарска репрезентација веќе одработија дел од квалификациите за Светскиот куп, односно Европското првенство во 2023 година. Што може да очекуваат љубителите на кошарката во годината пред нас?

Можам да кажам дека од наша страна продолжуваме со комплетната поддршка на сите репрезентативни нивоа како што го правевме во изминатите години. Главен акцент, ако може така да се каже, ставаме на двете сениорски  селекции. Зад нас се оние ноемвриски „прозорци“ во кои имавме навистина сериозен предизвик пред нас. Особено гостувањето на актуелниот светски шампион, селекцијата на Шпанија, во Скопје. Организациски максимално одговоривме на сите строги барања кои пред нас ги постави Светската кошаркарска организација. Резултатски, можеби не, но како што и напомена селекторот Драган Бајиќ, наша првенствена цел во овој квалификациски циклус е да пробаме да „направиме“ играчи кои ќе ја „носат“ најдобрата селекција во иднина. А таков пример, и тоа одличен, имаме со настапот на Теодор Симиќ. Имавме добар настап и во Киев, против Украина игравме добро цели 35 минути и само недостигот на концентрација нè чинеше пораз.

Колку раководството на Федерацијата е подготвено за овие значајни мечеви на македонската кошарка?

Не би сакал да дискутираме за подготвеност од причина што тоа се подразбира кога станува збор за една сериозна национална федерација која треба да продолжи со континуитет на добра работа во секој поглед. Реков, имаме сериозни предизвици пред нас, особено во тој репрезентативен сегмент. Не треба да се заборави дека како производ на нашата одлична работа во овие две-три години и ова лето ќе бидеме во улога на организатори на две европски младински првенства. Едното од нив е на највисокото кадетско ниво во Европа. Значи, нема време за одмор, подготовките за тие настани се веќе започнати. Сакаме да испратиме уште една порака дека нашата федерација и знае и умее.

Може ли преку овие квалификации да се очекува исчекор напред кога станува збор за нашите репрезентативни селекции?

Нашите желби се истото да го направат и девојките кои пак имаат нешто поголема пауза во оваа 2022 година. Евро-квалификациите ќе ги продолжат дури во ноември, со надеж дека конечно добрите игри во изминатиот период ќе ги наградат со еден триумф против силни селекции како Белгија, Германија и БиХ. Барем засега, за нас е особено важно што оваа наша селекција направи и голем скок на ранг листата на ФИБА. Сега сме на 37 позиција, четири погоре во однос на претходното рангирање и тука очекуваме уште поголем прогрес. Нема преголемо оптоварување кога станува збор за сениорите. Околу очекувањата, во февруари имаме двомеч со Грузија. Очекуваме да дојдеме до првата победа во светските квалификации. Тешко дојдовме до една ваква, историска прилика, да бркаме пласман на Светскиот куп, нешто за што, барем досега беше мислена именка. Реално, шанси постојат, на нашите најдобри кошаркари е да се обидат и да ги искористат во дуелите кои следуваат.

Што се случи со идејата за формирање на регионална лига? Дали со формирањето на ваква лига ќе се подобри квалитетот на кошарката?

Регионални лиги постојат и сега. Неколку наши екипи во двете конкуренции се веќе дел од нив. Пелистер и МЗТ Скопје Аеродром играат во АБА 2, Баскет Кам 2011 и Бадел 1862 се дел од „WABA-лигата“. Имаме уште три екипи, Навико Академија ФМП, Куманово 2009 и ТФТ кои се натпреваруваат во Балканската лига. И тоа во голема мерка го намалува оној „простор за маневар“ за тргнување во еден нов проект кој ни беше предложен пред извесно време. Но, мора да се земе во предвид дека и актуелната здравствена ситуација, која ја диктира вирусот Ковид-19, дополнително „делува“ во тие обиди да се дојде до некој почетен проект кој подоцна и би добил своја реализација.

Може ли да се очекува и активирање на проектот „Џуниор НБА“?

И тука сериозен проблем е пандемијата, која реално не дава можност за максимално развивање на сите планирани идеи кои доаѓаат од наша страна. И сега ситуацијата е далеку од идеална да се „пуштиме“ во реализација на долгорочни и сериозни проекти каков што е овој поврзан со НБА-лигата. Но, далеку од тоа дека ќе се откажеме од планираните активности во таа насока, туку напротив.

Како ја оценувате состојбата во македонската клупска кошарка и што е преземено околу подобрување на квалитетот?

Ковид-19 е нашиот проблем со кој дополнително се бориме во изминатиот период. Но, ние како федерација се приспособивме на дадените услови на функционирање. Одработен е голем дел од задачите кои беа пред нас. Успешно завршивме еден шампионат, уште подобро е отворен новиот. Имаме квалитетно првенство, во кое, на пример, лидер не е актуелниот шампион туку една друга екипа која само ги потврди претходно најавените амбиции. Истото се однесува и за оној женски сегмент. Евидентно е дека настапите во „WABA-лигата“ донесоа уште подобри моменти за двата наши претставници во тие силни натпреварувања.

Како го гледате развојот на македонската кошарка?

Промената во Регистрациониот правилник со кој се дозволува настап на странски играчи, придонесе за уште поголем квалитет во женската елитна лига, кој се прошири и во другите клубови, што дефинитивно е ветувачки момент во женската клупска кошарка. Сакаме, освен Баскет Кам 2011 и Бадел 1862 да имаме и други клубови кои ќе се вклучат во системот кој ќе треба да произведе и други кои во иднина ќе го следат нивниот пример и ќе се обидат и надвор од границите на нашата земја. За таа цел направивме и една голема измена во системот за натпреварување, односно освен осумте најдобри од минатата сезона, кои се дел од групата „А“, имаме и уште девет други клубови кои ја зголемуваат конкуренцијата, а во исто време имаат шанса преку натпреварите во групата „Б“ да преминат во најквалитетното натпреварување. Нашите првични процени беа дека треба да ја намалиме бројката на екипи кои се дел од Втората лига. Од квантитет сакаме квалитет и засега тоа се покажува како полн погодок. Имаме, пред се, доста поизедначено натпреварување во овој втор ранг.

А тоа што особено нè радува сите нас е повторното функционирање на Третата лига-мажи. Натпреварување во кое се вклучени 15 екипи, поделени во две натпреварувачки групи, во кое им се дава уште поголем простор на младите кошаркари, особено битен момент во нивниот кошаркарски развој.  Не смее да се заборави и тоа дека во изминатиот период уште поголемо внимание посветивме во сегментот „3х3“. Бевме коорганизатори и покровители на сите големи турнири реализирани во 2021 година. Во оваа година продолжуваме со уште посилно темпо. Во плановите е формирање и на репрезентации во „3х3“ и уште поголемо зголемување на рејтингот кој го имаме во ФИБА во овој дел од кошарката.

Каква е состојбата во младинските категории, има ли потенцијал македонскиот баскет да создаде нови славни имиња кои ќе тргнат по вашата патека и на сите други големи имиња на македонската кошарка?

Македонија имала и ќе има потенцијал кој треба да се искористи, насочи во вистинската насока. Факт е дека се соочивме со проблем кој го прави неповолната здравствена ситуација не само кај нас, туку во целиот свет и која за жал се уште не е стабилизирана. Во такви „услови“ и функциониравме во изминатиот временски период. Сепак, успеавме да ги промовираме шампионите во сите возрасни категории од младинските лиги во двете конкуренции. Со мало чекање, токму поради пандемијата, ја стартувавме и новата сезона во сите нивоа на натпреварување.

На мое огромно задоволство без ниту еден посериозен проблем. Планираме така да продолжиме и во новата календарска кошаркарска година. Промовиравме и некои нови млади играчи на кои стручниот тим на нашата најдобра селекција ќе смета и во деновите кои се пред нас. Впрочем тоа е и нашата основна цел, да „правиме“ играчи за сениорската селекција.

Колку има вистина во озборувањата дека се подготвува смена на раководството на Федерацијата и доколку е точно кој стои зад тоа?

Секое мешање на одредени политички структури во спортот, посебно во кошарката, е однапред осудено на пропаст. Имено, овие структури сакаат преку овие озборувања да наметнат дека нешто не е во ред со работата на КФСМ и дека тие се најдоброто решение, иако и во изминатиот период имаа време и шанса да покажат што знаат и умеат. На сите им порачувам да ги држат рацете подалеку од спортот и кошарката, бидејќи тие се на спортистите, а не на политичките профитери кои преку дворски игри и лажни ветувања сакаат да креираат нереална слика и да ја користат Федерацијата за други цели. Изминатиот период и до нас дојдоа одредени информации кои укажуваат на тоа дека одредени градоначалници ја злоупотребуваат нивната власт и им се закануваат и ги уценуваат клубовите. Тоа е нечесно, дрско и на никој не му помага такво шерифско однесување. Тие не смеат да ја водат политичката борба преку кошарката, туку таму каде е местото за тоа. Сите се добредојдени како гледачи, поддржувачи, помагатели и со добронамерни критики. Ова раководство на Федерацијата од нив не сака ништо повеќе од тоа. Најдобронамерно ги предупредувам еднаш засекогаш сите да сфатат дека спортот и кошарката не се бојно поле на политичарите, туку на спортистите и спортските работници. Нивно е да се грижат за тоа што се платени-да обезбедуваат подобри услови за сите спортови, спортска инфраструктура и обезбедување поголема помош за спортот на секој план.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.