Репрезентативецот на Гана и напаѓач на турскиот клуб Хатајспор, Кристијан Атсу е пронајден под урнатините по земјотрресот во Турција и за среќа е жив, иако тешко повреден. Атсу, кој во неделата постигна гол за голема победа на Хатајспор над Касимпаша (1-0), утрово остана заробен во урнатините, откако се урна зградата во која живееше.

Африканецот на почетокот на оваа сезона пристигна во Турција, во редовите на Хатајспор. Првиот гол го постигна во неделата, славеше со соиграчите, но неколку часа подоцна се бори за својот живот. Екипата за потрага по исчезнати лица успеала да го пронајде фудбалерот вечерва, јавуваат бројни медиуми. Според португалскиот тиражен весник „Абола“, на поранешниот играч на Порто, Њукасл и Челзи му биле констатирани повреди на десното стапало и констатирано е отежнато дишење.

Веста уште не е официјално потврдена, но сите се надевааат дека е веродостојна. Хатај беше еден од најпогодените турски градови по земјотресот утринава, а Хатајспор доживува моменти на голема неволја. Освен Атсу, исчезнаа и спортскиот директор Танер Савут и преведувачот на клубот. Спасувачките екипи успеале да ги пронајдат живи фудбалерите Онур Ергун и Бурак Оксуз, додека Керим Аличи сам успеал да излезе од под урнатините.

Во понеделникот во раните утрински часови, Турција беше погодена од разорен земјотрес, во кој се верува дека загинале најмалку 2.000 луѓе. Атсу бил спасен, но некои не преживеале. Според пишувањето на турските медиуми, женскиот одбојкарски клуб Хатај практично повеќе не постои, откако играчите беа затрупани под урнатините во провинцијата Малатија. Засега не се знае судбината на одбојкарите. Слична судбина го снајде и машкиот одбојкарски клуб Малатија Митрополитен Беледиеспор. Среќа во несреќата е што спасувачите успеале да ги пронајдат и да реанимираат тројца одбојкари. Во градот Кахраманмарас, една сала беше целосно срамнета со земја во време кога во неа имаше меѓу 30 и 40 борачи. Се верува дека многу од борачите загинале, но уште нема официјална потврда за нивната смрт. Под урнатините е и експедиција од 28 одбојкари и одбојкари од Северен Кипар, откако учествуваа на натпревар во Адијаман.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.