Турските медиуми јавија вечерва дека најмалку 16 спортисти се водат за исчезнати по разорниот земјотрес што денеска ја погоди Турција.

Според истите извори, спасувачките екипи трагаат под урнатините во градот Хатаја по 14 одбојкарки од локалниот клуб.

Одбојкарките се наоѓале во станбен објект што се урнал како последица на силниот земјотрес.

Под урнатините се наоѓа и фудбалерот на турскиот прволигаш Хатајаспор, Кристијан Атсу.

Хатајаспор во неделата вечер ја совлада на домашен терен Касимпаша со 1-0, а Атсу беше стрелец на единствениот гол во 97. минута.

Дел од турските медиуми јавија дека голманот на Малатисјапор, Ахмет Ејуп Туркаслан, загинал, но претседателот на турскиот второлигаш Ахмет Јаман ја демантираше информацијата.

Веста дека Ахмет Ејуп Туркаслан е мртов не е вистина. Се случи уште еден земјотрес додека спасувачките акции беа во тек. Затоа тимовите се повлекоа. Се надеваме дека ќе добиеме добри вести, рече Јаман.

Повеќе од 1.000 луѓе загинаа во Турција во земјотресот што со јачина од 7.8 степени според Рихтер ја погоди земјата во во близина на границата со Сирија.

Турските власти соопштија дека по разорниот земјотрес што се случил рано изутрината, регистрирани се над 100 последователни потреси, од кои три биле со јачина од 6.0 степени според Рихтеровата скала.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.