Важноста на Академијата на ФФМ, досегашната соработка и поддршка од УЕФА, како и плановите за идниот развој на Академијата, беа теми на денешната средба на претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини со легендарниот хрватски фудбалер, Аљоша Асановиќ, кој престојува во дводневна работна посета на Скопје во улога на УЕФА консултант во рамки на проектот на УЕФА и ФФМ за развој на млади елитни фудбалери.

„Во Академијата на ФФМ сме посветени на поттикнување на развојот на младите фудбалери на теренот, но и надвор од него. Преку тренинзи од програмата на УЕФА за млади категории и водени од едуцирани тренери, ние се фокусираме на развојот не само на фудбалските вештини на младите играчи, туку и на вредни животни лекции кои вклучуваат ментална сила и градење карактер“, истакна Сејдини.

Првиот човек на ФФМ на средбата со Асановиќ изрази задоволство од соработката со УЕФА во развојот на млади фудбалери.

„Горди сме на напредокот што го постигнавме во Академијата на ФФМ и остануваме посветени на тековниот развој и успех на младите фудбалери“, рече Сејдини.

Асановиќ, исто така, имаше работен состанок со членовите на стручните штабови на ФФМ Академијата и лицата од ФФМ задолжени за Академијата.

Состанокот е најава за неговата нова работна посета на ФФМ, веќе на почетокот на април, каде ќе се посвети поголемо внимание на стручната работа со фудбалерите од ФФМ Академијата на самиот терен.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.