Пет лица се повредени во тепачка меѓу навивачи на англиската и холандската фудбалска репрезентација во Дортмунд пред полуфиналето на Европското првенство во Германија.

Повеќе од 100.000 навивачи, претежно Холанѓани, се очекуваше да пристигнат во Дортмунд без билети во пресрет на натпреварот.

Свесни сме за некои извештаи и видеа од немирите во Дортмунд. Се чини дека имало неколку случаи на холандски навивачи кои ги напаѓале англиските навивачи во баровите и се обидувале да ги грабнат нивните знамиња. Дознавме дека како резултат на тоа биле полесно повредени пет лица“, се вели во соопштението на британската полициска единица која се занимава со фудбалските навивачи и има свои претставници во Германија.

Во соопштението се додава дека на десетици илјади холандски навивачи им се придружила група „ризични навивачи“ кои од Холандија допатувале во Дортмунд и дека британските полицајци им помагаат на германските колеги.

Германската полиција соопшти дека дошло до конфликт меѓу две групи луѓе во ресторан и дека се повредени одреден број навивачи, пренесува германската агенција ДПА.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.