Сагата околу датумот кога португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо ќе дебитира за Ал Наср продолжува, а според последните информации што ги објавија француските медиуми повикувајќи се на извор близок до саудискиот клуб, тоа ќе се случи на 22 јануари.

Поради трансферот на Роналдо, Ал Наср одлучи да го раскине договорот со 30-годишниот камерунски напаѓач Винсент Абубакар, бидејќи со доаѓањето на Роналдо клубот го надмина дозволениот број странски играчи во своите редови.

Покрај тоа, Роналдо мора да ја отслужи и суспензијата од два натпревари што му беше изречена како член на Манчестер јунајтед поради неспортско однесување кон навивач на Евертон.

По истекот на суспензијата Роналдо ќе биде подготвен за дебитантскиот настап во дресот на Ал Наср и неговата премеира треба да се случи на 22 овој месец на првенствениот дуел против Ал Итифак.

Ал Наср води на табелата во саудиското првенство со четири бодови предност пред второпласираниот Ал Шабаб.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.