Напаѓачот на ПСЖ, Килијан Мбапе, го критикуваше претседателот на Фудбалската федерација на Франција (ФФФ), Ноел ле Грет, кој изјави дека воопшто не го интересира каде легендарниот тренер Зинедин Зидан ќе ја продолжи кариерата.

Првиот човек на францускиот фудбал гостуваше во емисијата „Бартоли тајм“ на Радио РМЦ Спорт кај прославената француска тенисерка Марион Бартоли, каде објасни зошто е одлучено Дидие Дешамп да остане селектор на Франција.

Дел од медиумите претходно шпекулираа дека Зидан ќе биде нов селектор на Франција, но ФФФ неодамна го продолжи договорот со Дешамп до јуни 2026.

„Не би му се јавил на Зидан на телефон доколку ме побара. Што да му речам? Добар ден господине, барајте некој друг клуб, ние само што се договоривме со Дешамп. Зидан во Бразил? Не ме интересира. Тој работи што сака, тоа не е моја работа. Никогаш не сум се сретнал со него. Никогаш не сме размислуваме да ја прекинеме соработката со Дешамп“, рече Ле Грет.

Неговата изјава наиде на критики од францускиот репрезентативец Мбапе кој објави на социјалните мрежи оти никогаш не криел дека Зидан е неговиот идол.

„Зидан е Франција. Не можеме така да не ја почитуваме легендата“, напиша Мбапе на својот профил на Твитер



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.