Во последниот неделен натпревар од 23-то коло на шпанското фудбалско првенство Реал Мадрид на својот „Сантјаго Бернабеу“ минимално со 1:0 ја совлада Гранада, а во дернито на колот Барселона на својот „Ноу Камп“ со 4:2 беше супериорна со мадридски Атлетико.

Решавачкиот и единствен гол во Мадрид го постигна Марко Асенсио со убав удар од работ на шеснаесетникот во 74 минута. „Кралевите“ имаа 65 отсто посед на топката, кон голот на Луис Максимиан упатија 24 удари од кои 11 во рамките на голот, имаа дури девет корнери, но Гранада успеваше да оделее до потегот на Асенсио.

Барселона, пак, со 4:2 го совлада Атлетико Мадрид, остварувајќи ја првата победа во последните шест меѓусебни соочувања.

Мечот лошо започна за Каталонците, кога во 8 минута пораншениот нивен голгетер Лиус Суарез во брз против напад убаво го проигра Јаник Фереира-Караско, а белгискиот играч ја спроведе топката во мрежата.

Одговорот на Барселона беше силен и по само две минути подоцна израмни Жорди Алба со бравурозен погодок од откосо од работ на шеснаесетникот погодувајќи го самиот горен десен агол. Во 21 минута нискиот Гави со глава го донесе резултатскиот пресврт, а водството го удвои на 3:1 Араухо во 43 минута.

Барселона и вториот дел го започна надмоќно што резултираше и со четвртиот погодок веќе во 49 минута на Дани Алвес по убава акција на целиот напаѓачки ред. Малку надежи на Атлетико му донесе Луис Суарез кој во 58 минута со глава намали на 2:4 но „јорганџиите“ повеќе не можеа да сторат, иако од 69 минута играа со играч повеќе по исклучувањето на Дани Алвеш.

Барселона сега се искачи на четвртата позиција со 38 бодови, два повеќе од Атлетико Мадрид, а и двата тима имаат по меч помалку во однос на конкурентите. На врвот е осамен Реал Мадрид со 53 бодови, втора е Севилја со 47, а Реал Бетис пријатно изненадува како третопласиран со 40 бодови.

Вилјареал оствари важна победа во борбата за пласман во европските купови, совладувајќи го токму Реал Бетис со 2:0. Стрелци беа Пау Торес во 41 и Етјен Капу во 83 минута. Вилјареал сега е шести со 35 бодови, колку што има и седмиот Реал Сосиедад кој ремизираше без голови во првиот неделен меч на гости кај Валенсија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.