Фудбалскиот селектор Јасен Петров поднесе оставка откако Бугарија претрпе срамен пораз од Грузија со 2-5 во натпревар од групата „4“ од дивизијата Ц на Лигата на нации во која настапува и македонската А репрезентација.

Тој рече дека по тешкиот пораз во Разград нема морално право да остане на чело на бугарската селекција.

Прво сакам да им се заблагодарам на луѓето кои дојдоа – не го заслужија тоа што го видоа. Јасно е – немам морално право да останам. Ќе се разделиме, што е сосема нормално. Ја преземам целосната одговорност. Се надеваме дека ќе дојде уште една личност која ќе може да ги мотивира фудбалерите на најдобар начин. Ова е мојот последен натпревар. Направивме многу необјасниви грешки во одбраната. Во еден момент влеговме во натпреварот, имавме шанса. На 2:0 постигнуваме гол, 40 секунди подоцна добиваме елементарен гол. Ова беше една од лошите вечери за бугарскиот фудбал. Им се извинувам на сите што видоа ваков епилог. Се надевам дека во следните натпревари момците ќе се кренат и ќе покажат подобри игри – рече Петров.

Моментно во групата „4“ по две кола води Грузија со шест бодови, пред Македонија која има четири, Бугарија еден, а Гибралтар ниту еден.

Следните мечеви од третото коло се на 9 јуни кога Македонија во Скопје ќе ја пречека Грузија, а Гибралтар е домаќин на Бугарија. На 12 јуни Грузија е домаќин на Бугарија, а Македонија ја има фаворитската улога против Гибралтар.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.