Ноќта полна солзи, смеа и најубави емоции е нешто што фудбалерите и стручниот штаб на репрезентацијата на Аргентина ќе го паметат додека се живи! Предводникот на светските шампиони, Лионел Меси не можеше а да не заплаче, но солзи им течеа и на неговите соиграчи, навивачите, тренерот и луѓето на клупата.

Причините за радост на Аргентинците се многу, но кулминацијата е 800 гол во кариерата на Меси, постигнат во 89 минута пред неговите најверни поддржувачи.

Во нивниот прв натпревар пред домашните навивачи по освојувањето на Светското првенство во декември, Аргентина ја победи Панама на пријателскиот натпревар со 2-0 со головите на Тиаго Алмада и Меси.

Забавата започна по последниот судиски свиреж, а членовите на семејството и децата им се придружија на Меси и неговите соиграчи од Аргентина на теренот со огномет што експлодираше во позадина.

Отсекогаш сонував за овој момент, да славам со вас. Да си дојдам во мојата земја и да го подигнам трофејот на Копа Америка, и најголемиот од сите трофеи, тој од Светското првенство. Знам дека ова е наш ден да славиме, но не сакам да се заборават и сите соиграчи кои беа тука претходно, кои исто така дадоа сè на теренот за да го постигнеме ова. Сите го заслужуваат ова признание. И аргентинските навивачи, бидејќи секогаш го даваа својот максимум за овие бои, ѝ порача емотивниот Меси на публиката.

По Меси, и Скалони со солзи во очите додаде дека вечно ќе им е благодарен на овие играчи.

Фудбалот им припаѓа нив и без нив немаше да го освоиме Светското првенство. Секој што го носи овој дрес дава се од себе и понекогаш резултатите не доаѓаат. Но, овој пат го добивме и тоа е неверојатно, рече тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.