Фудбалската репрезентација на Македонија синоќа го отвори квалификацискиот циклус за следното Европско првенство според планот, со победа над Малта (2-1). .

На стандардната прес-конференција по натпреварот се обрати селекторот Благоја Милевски. Тренерот им честиташе на фудбалерите за постигнатото и кажа дека победата радува. Во иднина, посакува подобра Македонија за која верува дека ќе дојде, затоа што играчите од собир во собир се подобри.

„Најпрво, честитки за момците, за тактичката дисциплина. Јас напоменав и пред мечот дека овие натпревари против екипа како што е Малта се најопасни. Можеше да победиме со повисока разлика, штета што примивме ваков случаен гол. Најзадоволен сум од енергијата која ја покажаа момците. Се создаде хемија со нив. Имаме вклучено нови млади играчи, а тоа да се вклопи во една целина, треба време. Се повеќе и повеќе наликуваме на тим каков што го посакувам. Сите се како карактери одлични момци и тоа го покажуваат од собир на собир“, кажа селекторот.

Предводникот на А-тимот ги прокоментира и различните полувремиња. Во првиот дел имаше доста солирање и индивидуални пробиви, додека во вториот дел видовме поинаква Македонија.

„Имаше акции кои мораше да ги завршуваме со удар на голот. Но, кога доаѓате во ситуација цела нација од вас да чека да направите нешто повеќе… Не е од што има солирање затоа што играчот така сака, туку да се задоволи нацијата да се постигне гол. Тоа е само еден позитивен дел од карактерот на момците и се надевам дека тоа ќе се поправи во наредните натпревари“, заврши селекторот Милевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.