Македонската фудбалска репрезентација не успеа да направи ново чудо, загубивме од Португалија на „Драгао“ со 2-0 и не успеавме да се пласираме на Светското првенство во Катар.
По победата над Италија, Македонија дојде на еден чекор до пласман на Светското првенство, но не успеавме да ја шокираме и Португалија која покажа повеќе и заслужено го зема билетот за Катар.
Македонските фудбалери го дадоа максимумот, но противникот кој има исклучително моќни поединци ги казни нашите грешки и дојде до победа од 2-0.
Македонија добро го почна натпреварот, бевме организирани, Португалија тешко создаваше прилики за гол. Првата нивна шанса ја имаше Кристијано Роналдо кој во 14. минута од убава ситуација биеше крај голот на Димитриевски.
Првата грешка која ја направивме нè чинеше гол. Во 31. минута Стефан Ристовски се обиде да даде еден долг пас во дефанзивата, Бруно Фернандеш ја пресече топката и по едно еден-два проигрување со Роналдо даде гол за водство на Португалија од 1-0.
Фернандеш беше најрасполжен за игра во португалската селекција. Тој прв се закани во второто полувреме, но неговиот удар го одбрани Димитриевски.
Во 65. минута Барди згреши на половината на Португалија и овзможи брза контра за противникот. Диого Жота прекрасно асистираше до Бруно Фернандеш кој со волеј постигна гол за водство на Португалија од 2-0.
Ние се обидувавме да се вратиме во мечот, на десетина минути до крајот во шеснаесетникот на Португалија беа фаулирани Елмас и Миовски во иста акција, но Ентони Тејлор сметаше дека тоа не е доволно за пенал.
На овој меч не успеавме да создадеме ниту една шанса за гол, Португалија доминираше, беше подобра селекција и дојде до тоа што го заслужи, пласман на Светско првенство.
Ние можеме да бидеме горди на нашите фудбалери кои за првпат во историјата дојдоа до толку блиску до Мундијал, не успеавме да си го оствариме сонот, но не разочаравме. Оваа селекција има иднина во која очекуваме нови радости.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.