Македонската машка фудбалска репрезентација во Скопје го одржа првиот тренинг пред двата завршни натпревари во квалификациите за ЕУРО2024.

Избраниците на селекторот Благоја Милевски во петок ѝ гостуваат на Италија на Олимпискиот стадион во Рим, од 20:45 часот, а во истиот термин идниот понеделник ќе ја пречекаат Англија на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Не очекува меч со Италија, натпревар кој очекувам да биде сосема поинаков од тој во Скопје. Се надеваме на успех, треба да бидеме компактни, желни за успех и се разбира да ги исполниме задачите на селекторот, изјави репрезентативецот Јани Атанасов.

Македонските фудбалери влегуваат во двата завршни евроквалификациски дуели без шанси за пласман на Европското првенство кое идната година ќе се одржи во Германија.

Иако немаме шанса за пласман на Европско првенство, ќе дадеме сè од себе, така ќе биде и овој пат, така е секогаш кога играме за Македонија. Знаеме какви светски сили се Италија и Англија. Ќе ги анализираме противниците, немаме што да загубиме и едноставно треба да одиграме максимално ангажирано. Ќе се обидеме да го спречиме италијанскиот состав да не победи. Играме за Македонија, а кога сме овде не постојат изговори, вели повратникот во репрезентацијата Дарко Чурлинов.

По шест одиграни натпревари во групата Ц, македонската репрезентација е на претпоследното, четврто, место со седум бодови.

Лидер е Англија, која веќе обезбеди настапа на ЕУРО2024, со 16 бодови, пред Украина со 13 и Италија со 10 бодови. Последна е Малта без освоен бод.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.