УЕФА објави појаснувања во врска со новиот формат во европските клупски натпреварувања, кој ќе стапи на сила од сезоната 2024/25.

По промените во главниот дел на секое од трите натпреварувања – Лигата на шампионите, Лига Европа и Конференциската лига, учество ќе земат 36 екипи. Во моментов на почетокот на трите турнири има по 32 екипи кои се поделени во осум групи по четири.

Во новиот формат, пак, нема да има групна фаза, а селекциите ќе играат за севкупен пласман, слично како на националните првенства. Сепак, екипите ќе бидат поделени во урни – по четири во Лигата на шампионите и Лигата на Европа и шест во Конференциската лига.

Екипите во Лигата на шампионите и Лигата на Европа ќе одиграат по осум натпревари против осум различни екипи, со по два натпревари – еден дома и еден на гости, против претставници од секоја од четирите урни. Во меѓувреме, во Конференциската лига, екипите учеснички ќе имаат по еден натпревар против тим од секоја од шесте урни.

Најдобрите 24 екипи на секој од трите турнири ќе се пласираат во елиминациската фаза. Најдобрите осум на табелата ќе добијат загарантиран пласман во осминафиналето, додека оние од деветтото до 24. место ќе играат во плеј-оф рунда за преостанатите осум квоти.

Тимовите кои ќе завршат на позициите од 25 до 36 ќе испаднат од европските клупски турнири. Така, нема да има прелевање на тимови од еден турнир во друг, како што е во моментов случај по завршувањето на есенската фаза во натпреварувањата на УЕФА.

Од осминафиналето до финалето, турнирите ќе бидат целосно идентични со сегашните правила – наизменични гостински натпревари во осминафиналето, четвртфинале и полуфинале и финале со една нога.

Натпреварите од лигашката фаза од Лигата на шампионите и Лигата на Европа ќе се играат од септември до јануари, додека оние во Конференциската лига ќе се играат од септември до декември. Сепак, секој турнир ќе има своја ексклузивна недела каде нема да има натпревари од другите два турнири. Ексклузивната недела на Лигата на шампионите ќе ги следи натпреварите во вторник, среда и четврток. Во Лига Европа натпреварите ќе се играат во среда и четврток, додека во неделата од Конференциската лига натпревари ќе има само во четврток.

За остатокот од распоредот на натпреварите, се одржува сегашниот аранжман – Лигата на шампионите се игра во вторник и среда, додека натпреварите од Лига Европа и Конференциската лига се во четврток.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.