Фудбалерот од средниот ред на романски Сепси, Исник Алими, дополнително е повикан во таборот на македонската фудбалска репрезентација и ќе биде во комбинација за настап на претстојните два евроквалификациски натпревари против Италија и Малта.

Поранешниот фудбалер на италијанските Аталанта, Виченца, хрватски Шибеник и азербејџански Габала, како што е соопштено, вечерва во Скопје ќе го одржи првиот тренинг со репрезентативните колеги.

– Алими е стандарден фудбалер на романскиот Сепси и со одличните настапи за својот клуб се наметна како профил на играч кој може да ја зголеми конкуренцијата во средниот ред на македонскиот состав, објави Фудбалската федерација на Македонија.

Во минатото, Алими настапуваше на официјални квалификациски турнири за македонските младински селекции до 17 и 19 години.

– Алими бележи одлични игри во романското првенство со Сепси. Неговото искуство и формата во која се наоѓа може само да ја зголеми конкуренцијата во нашиот тим и да ни донесе дополнителен квалитет, изјави селекторот Благоја Милевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.