Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар преку соопштение информира за настаните кои се случувале за време и по завршувањето на прволигашкиот дуел против Шкупи, кој вчера се одигра на стадионот во наслебата Чаир. Како што велат од ФК Вардар, во текот на целиот меч биле навредувани на национална основа, а по нивните фудбалери биле фрлани пиротехнички средства. Сепак, од ФК Вардар истакнуваат дека од страна на раководството на Шкупи биле пречекани онака како што доликува на еден првенствен натпревар.

Во нивното соопштение, одговорните на ФК Вардар велат:

Како клуб, најостро го осудуваме вчерашното националистичко дивеење на домашните навивачи, во населбата Чаир.

За време на целиот натпревар, кон нашите фудбалери беа упатувани пиротехнички средства и навреди, а покрај тоа, на трибините во неколку наврати беа истакнати силни националистички пораки кои немаат никаква врска со спортот.
Недозволиви беа пораките со кои се бара Скопје, главниот град на Република Македонија, да стане главен град на друга држава. Тоа едноставно е недозволиво!
Покрај тоа, срамни беа и извиците и пораките, упатени на сметка на младото момче Никола Саздовски – Саздо, кое беше крвнички убиено од страна на навивачите од населбата Чаир. Поддршката која вчера ја добија убијците на Никола е нешто што апсолутно треба да биде осудено и санкционирано!
Секако, би сакале да истакнеме дека Управата на ФК Шкупи не пречека онака како што доликува, како што тоа ние го направивме на претходниот натпревар кога Вардар беше домаќин. Но, за жал, вчера наместо да доминираат фудбалот и фер играта, доминираа политики кои апсолутно треба да бидат санкционирани!
Веруваме дека МВР и ФФМ како надлежни институции најбрзо ќе реагираат и ќе ги преземат неопходните мерки со цел ваквите испади никогаш повеќе да не се повторат, велат од ФК Вардар.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.