Натпреварот меѓу македонската и англиската фудбалска репрезентација, покрај резултатски, беше успешен и на организациски план, оцени Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), изразувајќи претпладнево благодарност до навивачите и државните институции вклучени во организација на дуелот одигран синоќа на Националната арена „Тодор Проески“ пред 27.892 гледачи, меѓу кои и околу 1.500 гостински симпатизери.

„Исклучително сме среќни што прекрасната фудбалска вечер помина без ниту еден сериозен инцидент. Ние тврдевме дека Македонија може да биде земја без расизам, национализам, дискриминација, вербално и физичко насилство на стадионот, а тоа го потврдивте со вашето однесување на Националната арена „Тодор Проески“, соопшти ФФМ.

Македонската репрезентација во завршниот натпревар од групата Ц во квалификациите за ЕУРО2024 одигра нерешено против Англија 1-1 во прекрасна атмосфера на целосно распродадената Арена во Скопје.

 

„Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини пред натпреварот најави дека сите ќе имаат можност да видат каква е репрезентацијата на Македонија и какви се нашите навивачи. Беше во право, тоа беше вечер со која сите можеме да се гордееме. Колку им значат полните трибини, нашите репрезентативци покажаа со одличен настап и важен резултат“ се наведува во соопштението од „Куќата на фудбалот“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.