Тренерот на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг, оцени дека неговиот тим не е подготвен за претстојниот воведен натпревар од новата сезона во Премиер лигата.
Англиското фудбалско првенство почнува денеска, а Јунајтед од 21 часот ќе го пречека Фулам на Олд Трафорд.

Тен Хаг рече дека во тимот за претстојниот натпревар ќе бидат новите играчи Матијс де Лихт и Нусаир Мазрауи, но поради повреди дуелот ќе го пропуштат Џошуа Зиркзе и Лени Жоро. Холандскиот стратег потенцираше дека има проблеми и со физичката подготовка на играчите кои се приклучија на тимот во различни фази од подготовките поради обврски во репрезентациите.

„Точно е дека тоа не беа подготовки на кои можеш да работиш пет, шест недели со тимот. Тоа е комплицирано. Имавме тим за турнејата низ САД, потоа ни се приклучија играчите кои играа на Европското првенство и на Копа Америка и новите засилувања, и ние сега треба да направиме тим. Екипата не е подготвена, но лигата почнува. Има повеќе тренери кои го имаат овој проблем“, изјави Тен Хаг.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.