Напаѓачот на Реал Мадрид, Карим Бензема, објави денеска преку социјалните мрежи дека веќе нема да настапува за француската репрезентација за која во текот на кариерата собра 97 настапи и постигна 37 голови.

Ја испишав својата приказна, а на нашиот заеднички пат дојде до својот крај, напиша Бензема, кој денеска го прославува својот 35. роденден.

За разлика од трофејната кариера на клупски план со Лион, а особено со Реал, Бензема немаше многу успеси со Франција. Тој не беше дел од составот кој во 2018 година ја освои светската титула, а Мундијалот во Катар го пропушти поради повреда.

Но, додека траеше турнирот Бензема ја залечи повредата и можеше да ѝ се приклучи на репрезентацијата, меѓутоа селекторот Дидие Дешамп не сакаше да одговори на прашањето дали дополнително ќе го повика освојувачот на Златната топка, а и самиот Бензема во еден момент преку социјални мрежи порача дека „не е заинтересиран“.

Единствениот трофеј со Франција го освои во 2021 година во Лигата на нации.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.