Како продолжение на Саемот на вино, храна и туризам кој од 1-4 септември се одржува во Белград, Владата на 7 септември, во рамките на иницијативата Отворен Балкан, организира и регионален Фестивал на храна и вино во Струмица. Овој фестивал на вино и храна се одржува во соработка со реномираната организација Егзит во чија организација е и веќе најавениот музички хепенинг „Get EXITed“ каде покрај богатата музичка програма, ќе биде понудена и специфична и интересна етно-гастрономска програма.

Фестивалот на храна и вино бесплатно ќе биде отворен за сите посетители и ќе се одржи во Градскиот парк во Струмица, а ќе ги понуди најдобрите регионални и локални винарии, регионални изложувачи на храна како и произведувачи на традиционални органски специјалитети од македонската кујна. Присутни ќе бидат најдобрите готвачи од најпознатите струмички ресторани и учениците од Средното кулинарско училиште кои заедно ќе спремаат локални специјалитети.

На фестивалот е планирана попладневна програма проследена со концерти кои ќе траат од 18:00 до 21:00 часот. Ќе настапат култниот македонски бенд 21 Век, младата поп дива Дина Јашари, составот кој од Струмица го освои светот со едноставен трубачки звук, Џамбо Агушеви Оркестар, како и хип хоп ветераните и едни од најистакнатите имиња на македонската музичка сцена ДЏ Гоце С.А.Ф. и ДЏ Чваре.

21 Век е култно македонско трио со презабавен поп панк звук. Статусот на македонски волшебници и неверојатната енергија која ја носат со себе ветуваат триумф секој пат кога ќе се качат на сцена.

Џамбо Агушеви Оркестар ги освојува најголемите сцени во светот, а нивните почетоци се бележат токму во Струмица.

Дина Јашари е млад уметник од Македонија, а нејзините модерни ритми на dream поп, соул и џез се вистинско освежување на музичката сцена.

ДЏ Гоце е дел од хип хоп сцената уште од раните 90ти кога со својата група С.A.Ф. ја објавија првата трака во 1993 година. Работи како продуцент за голем број на домашни и регионални уметници, копродуцент и диџеј на ТВ емисии, организира и модерира најразлични работилници во Македонија, а организира и сопствена винил конвенција со ДЏ Чваре со кој е дел од „Funky Fresh“ екипата.

На веќе најавениот музички хепенинг „Get EXITed“ пак, ќе настапат едни од најпознатите имиња на регионалната и светската електронска музичка сцена Дебора Де Лука и Махмут Орхан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.