Младата пејачка Тијана Периќ со песната „Бумеранг“ направи бум како дебитант на 38. издание на „Макфест“ . Со впечатливата креација во црвена боја на модната креаторка Ива Спасовска и одличниот настап во придружба на танчерите од Акваденс ги освои симпатиите и на публиката во салата и на жирито и се пласираше меѓу петте најдобри од првата фестивалска вечер. Ја имаше честа да ја отвори ревијалната вечер и да настапи заедно со многу наши познати музички звезди.

Да се појавам на Макфестовската сцена за мене беше остварување на една од многуте музички желби и цели, затоа што тоа е сцена на која што настапиле најголемите македонски sвезди и настанале безброј македонски безвременски хитови. Мојот настап оваа година беше сосем спонтан, но мислам дека сето тоа го направи уште поинтересно целото мое искуство и ќе ми остане засекогаш врежано во мене. Покрај што настапив првата вечер, поминав во оние пет кои настапуваат и на ревијалната вечер и тоа беше навистина голема среќа затоа што бев одбрана од прекрасно жири и навистина ми беше чест, а уште поголема чест ми беше што бев прва и ја отворив ревијалната вечер и ја делев таа вечер сцената со веќе многуте познати музички имиња. Задоволна сум од својот настап во целина затоа што имав прекрасен тим позади мене кои помогнаа песната да звучи модерно и како што многумина луѓе кажаа “да не излезе од глава”, а воедно и сценски настап кој ќе се издвои и ќе биде претпознатлив и запаметен сам по себе. Песната “Бумеранг” ја напиша Ефтимија Јованова, а во тимот на обработка учествуваа и Јован и Иван Јованови. Александар Ристовски-Принц се погрижи за спотот, а пак на сцената на Макфест ме придружуваа танчери од Aqua Dance. За изгледот да биде онаков каков што беше и да биде црешичка на шлагот се погрижи Ива Спасовска за креацијата и студио “Диор” во Штип за шминката и фризурата. И секако, можам со сигурност да кажам дека повторно ќе ме видите на Макфест.

Тијана зад себе веќе има две балади , „Писмо“ и „Сонувам“, а во подготвока е снимање на видео запис за нејзината следна песна која ја најавува за почетокот на декември.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.