Дваесет и првото издание на традиционалниот OFFest ќе се одржи од 1 до 4 јуни во Националната опера и балет и МКЦ.
Отворањето на дваесет и првото издание на OFFest (1-4 јуни), односно првата фестивалска вечер, ќе биде целосно во знакот на домашните артисти. OFFest 2022 ќе го отвори извонредниот македонски етно состав PERIJA, како и маестралниот тандем на две наши исклучителни творечки фигури DOBRILA & DORIAN DUO, со домашна концертна премиера на музичкото ремек-дело, албумот „Апокриф“ (SJF Records).
PERIJA е бенд формиран во 2015 година. Своите почетоци ги имаше на улица како импровизирана сцена. Членовите се менуваат низ текот на годините, а бендот останува отворен за конекции и соработки. Перија е македонски збор со турско потекло што значи самовила. Токму таа митолошка врска со темнината на балканските шуми е чувството коешто се обидуваат да го пренесат во својата музика. Идејата е комбинирање на нивните музички влијанија и создавање на фузија: обработување на стари, речиси заборавени песни (некои од нив собирани од пријатели кои патуваат по селата и ги снимаат, а некои најдени во многу стари снимки), со сопствена оригинална авторска музика и аранжмани. Бендот во својот вокален израз употребува различни јазици од Балканот и пошироко, бидејќи веруваат во еднаквоста на културите. Нивните музички влијанија варираат од модерната класична музика, атоналната, пост-панк, рок, метал, психоделичниот транс, па сè до традиционалната музика на Балканот, Блискиот Исток и Северна Африка. Комбинираат западни и источни техники на свирење: музички скали што се користат во традиционалната музика на Балканот, комплицирани макамски скали, па дури и одредени раги од истокот, непарни ритми од Балканот итн. Имаат објавено два студиски албуми и две EP изданија.
Добрила и Дориан ја започнуваат својата соработка уште во 2008 година во Чалгија саунд систем кој до денес е еден од оние бендови што ја негува традиционалната чалгиска музика, но и креира нова, современа музика базирана врз традицоналната чалгија. Нивната заедничка музичка авантура во форма на дуо започнува во 2020 година создавајќи го проектот DOBRILA & DORIAN DUO и првиот заеднички албум наречен „Апокриф“ (SJF Records, 2021), кој уште при самото негово појавување е оценет како ремек-дело. Во него се наоѓаат неколку од најубавите македонски традиционални песни: „Излези, Видо“, „Три години стана“, „Невесто, тенка, висока“, но овојпат со комплетно нов пристап и уникатен „електронски“ поглед кон македонската музика кој ја носи во една поинаква димензија. Сега, наместо познатиот инструментариум на поголемите ансамбли, се слуша само утот, луповите, тишината, импровизациите и раскошната убавина на мелодиите. За привлечноста на овој нов музички изблик уште на самиот почеток на неговото живеење ќе речат: „Смел, искрен и до нота маестрално изведен проект, кој ако го пуштите еднаш, како спирала ќе ве подигне нагоре и по секое пуштање си велите ај, пак!“
Мајсторството во изведбата на африканската кора што ќе го сподели виртуозниот инструменталист BALLAKE SISSOKO од Мали, во комбинација со рафинираниот пост-тропикализмичен и боса-нова звук на триото на бразилскиот гитарист, пејач, композитор и продуцент LUCAS SANTTANA, создаваат услови за беспрекорно концертно доживување. Фасцинантниот електро-психоделичен музички огномет на колумбиските тропски велемајстори LOS PIRAÑAS е еднакво погоден за слушање и за танцување. Величенствената моќ и уникатната разновидност на италијанската пејачка MARIA MAZZOTTA ќе ја пресретне волшебната интерпретација на националниот музички стил на Зелено’ртските острови (Кабо Верде), популарната „морна“, од страна на една од најреномираните уметници што го истражуваат и чуваат ова огромно музичко наследство – NANCY VIEIRA. ОФФ-Фест 2022 ќе го заклучи експлозивниот и фуриозен хајлајф фанк на многучлениот афробит колектив SANTROFI од Гана. Во рамките на фестивалската програма ќе биде прикажан и документарниот филм “The Rumba Kings”, посветен на конгоанската румба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.