На Античкиот театар во Охрид вечерва ќе се одржи целовечерен концерт на Влатко Стефановски и националниот ансамбл „Танец“.
Оваа врвна фузија, од која излезе уникатно парче музика, заслужено го живее својот продолжен концертен живот, дома и надвор од границите на земјата.
Влатко Стефановски е стар пријател на „Танец“, кој во текот на својата речиси петдецениска кариера многупати има настапено со ансамблот, и дома и надвор. Секогаш соработките со „Танец“ ги истакнува како особено значајни и инспиративни за неговата музика, како за македонската музичка култура во целост. Но, иако македонските фолклорни мотиви, како и фрагментите од репертоарот на „Танец“, се неизоставен дел од неговите изведви, Влатко, освен повремените еднократни настапи, никогаш досега не остварил целовечерен концерт со ансамблот.
Во рамките на проектот „Танец и Влатко“ овие два бренда ја делат сцената на голем концерт, за кој аранжманите на антологиските ора „Пелистерско“ , „Касапско оро“, „Ситна лиса“, „Поступано“, „Калајџиско“, „Пајдушко“ и незаборавните мелодии на „Елено, ќерко“, „Јано, мори, севдалино“, специјално ги напиша познатиот македонски композитор, аранжер и инструменталист, Дамир Имери.
Пред Охрид, Влатко и „Танец“ одржаа концерт на Хераклеа во Битола, во рамките на традиционалната манифестација „Илинденски денови“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.