Во вторник, на 11 јуни 2024 година, во Македонскиот народен театар, со почеток во 20:00 часот, ќе може да го проследите концертот „Седенка се збира“, концерт на Танец посветен на 100-годишнината од раѓањето на Ѓорѓи Димчевски, еден од легендарните македонски музичари од сферата на народната музика, кој остави неизбришлива трага во историјата на ансамблот „Танец“ и во македонската музичка култура, воопшто.

Во „Танец“ се вработил во 1954 година и на тоа место останал до крајот на својот работен век, до 1978 година, кога се пензионирал. Цели 25 години бил раководител на оркестарот, солист на виолина и тамбура, аранжер на песни и инструментални мелодии, но и автор на музички обработки на цели кореографии. Исто така, бил и одличен свирач на зурла, меѓу другото и на антологиското оро „Тешкото“. Со „Танец“ патувал насекаде низ светот, ширејќи го автентичниот македонски фолклор, а како инструменталист и автор на бројни музички обработки, тој е недвосмислено еден од значајните културни дејци, кои зад себе оставиле препознатлив печат во македонската музичка историја. Во архивата на „Танец“ е забележано дека меѓу авторите на музички обработки за сите 75 години, Ѓорѓи Димчевски е на водечкото место, со 25 регистрирани кореографии. Неговото име стои зад антологиските постановки: Мариовска тресеница, Осоговка, Жетварка, Водарки, Тропнало оро, Цвеќеберачки, Солунка, Русалии и др. Исто така, за време на својот богат творечки век, запишал и мелографирал неколку стотици македонски народни мелодии и објавил неколку книги со народни песни и ора, „Вие се оро македонско“, „Седенка се збира“, „Македонски ора“, „Ајде да пееме заедно“. Ваквиот богат творечки опус, за ансамблот Танец, но и надвор од него, не обврзува да му приредиме музичко-сценски настан во чест на 100 годишнината од неговото раѓање, што ќе биде достоен за неговата големина. Програмскиот фокус е ставен на кореографското творештво, но и на неколку вокални, инструментални и вокално-инструментални сплетови, составени од прекрасни народни мелодии, коишто биле предмет на неговите музички обработки. На концертниот дел од програмата ќе ù претходи документарен видео осврт кон неговиот за живот и дело, за што се користени на архивски материјали од Танец, МРТ и приватната колекција на семејството Димчевски.

 

Програма:

НАРОДНАТА МУЗИКА – ПРВА ЉУБОВ, ТАНЕЦ – ГОЛЕМО УЧИЛИШТЕ
Документарен осврт кон животот и делото на Ѓорѓи Димчевски
Автор на текстот: М-р Бранка Костиќ-Марковиќ
Во видеото се користени материјали од Танец, МРТ и од приватната архива на семејството Димчевски.

 

ВОДАРКИ (1965)
Кореографската постановка „Водарки“ доминантно му припаѓа на источното играорно подрачје, со претежно вклучени игри и песни од беровско-кочанскиот крај, но и црпи инспирација и од други региони во Македонија. Преку оваа целосно женска постановка, инспирирана од секојдневниот македонски селски живот, се прикажува обичајот на одењето по вода. Имено, дејствието се одвива навечер, кога младите девојки одат пред селската чешма, после напорната полска работа. Додека се полнат стомните со вода, девојките си даваат оддушка од макотрпната работа, преку убавата игра и песна. Во оваа кореографијата се вклучени повеќе ора, меѓу кои и познатите „Ратевка“ и „Беровка“, како и неколку прекрасни песни поврзани со кореографската тематика.
Кореографија: Димитар Митко Алексов и Блаже Велевски Палчевски
Музичка обработка: Ѓорѓи Димчевски

ИЗБОР ПЕСНИ ОД ВОКАЛНИТЕ ЦИКЛУСИ НА ЃОРЃИ ДИМЧЕВСКИ
– Не се бели Маре, мори
– Елено, ќерко
– Промени се Суте
– Јас ти реков добровечер
– Јас ќе ти купам свилено фустанче
Исполнува: Машката вокална група на Танец

 

ОСОГОВКА (1962)
Кореографската постановка „Осоговка“ („Арнаутка“), се смета за една од најубавите типично машки игри во репертоарот на Танец, а по атрактивноста се смета за своевиден сценски спектакл на народната уметност. Во драмското дејствие, лоцирано од авторите во подножјето на Осоговските планини, се нижат повеќе машки игри од источното играорно подрачје, базирани на основиот играчки образец на орото „Арнаутско“. Всушност, оваа кореграфска постановка, преку надигрувањето на машките групи, ја прикажува машката иницијација.
Кореографија: Димитар Митко Алексов
Музичка обработка: Ѓорѓи Димчевски

ОРКЕСТАРСКА ПЛЕТЕНКА
Инструментален сплет од мелодии од кореографскиот опус на Ѓорѓи Димчевски
Избор и музичка адаптација: Дарко Илиевски
Исполнува: Оркестарот на Танец

МАРИОВСКА ТРЕСЕНИЦА (1966)
Кореографската постановка „Мариовска тресеница“ е една од постарите кореографии во репертоарот на Танец. Станува збор за женска обредна пролетна поворка од Мариово, поврзана со денот Чист Понеделник, понеделникот по Прочка, кога започнуваат долгите Велигденски пости и кога домаќинките ги чистат своите домови и ги обезмастуваат садовите за храна за големиот пост. Играорките во оваа постановка се облечени во богати автентични носии од мариовскиот крај, што остава дополнителен импресивен сценски впечаток. Музиката има посебен печат со својот чалгиски звук, а целокупната постановка претставува една мајсторски создадена монолитна творба, која е една од најатрактивните во богатиот репертоар на Танец.
Кореографија: Јонче Христовски
Музичка обработка: Ѓорѓи Димчевски

ИЗБОР ПЕСНИ ОД ВОКАЛНО-ИНСТРУМЕНТАЛНИТЕ ЦИКЛУСИ НА ЃОРЃИ ДИМЧЕВСКИ
– О, Јано, Јано
Исполнува: Машката вокална група на Танец
– Марика, мома убава
Исполнува: Машката вокална група на Танец
– Да ми дојдеш, калеш, море, Димчо
Исполнува: Женската вокална група на Танец
– Не стој Доне, Донке
Исполнува: Хорот на Танец

ЖЕТВАРКА (1968)
Во оваа, карактерно обредна, раскошна сценска постановка, низ песните и игрите од кочанскиот крај, драматуршки се прикажани моментите околу жетвата. Богатата жетва, за нашиот народ, секогаш била повод за радост и веселба, а убавата македонска песна, ја олеснувала макотрпната физичка работа околу собирањето на богатиот род. Во оваа антологиска кореографија на Танец, низ карактеристичната драматургија на жнеење и автентичните овчеполски носии, на извонреден начин се нижат убавите мелодии на песните „Узреала бела пченица“, „Зажни Јано“, „Повеј, повеј ветре“, „Што ми е мерак полјак да бидам“ и овчеполските ора “Полјачко“ и Потрчулка“, кои сите заедно на крајот кулминираат во заедничко масовно оро, кое е проткаено со сета радост која се случува на крајот на плодната жетва.
Кореографија: Димитар Митко Алексов
Музичка обработка: Ѓорѓи Димчевски

НУ ТАНЕЦ
м-р Мартин Вучиќ, директор
м-р Бранка Костиќ – Марковиќ, уметнички раководител на сценско-уметничка дејност
м-р Дарко Илиевски, уметнички раководител на оркестар
Кирил Спасеновски, уметнички раководител на хор
Јовица Блажевски, уметнички раководител на играорен кор
Весна Митоска, асистент на играорен кор:
Светлана Ќириќ, стручен соработник во сценско-уметничка дејност

ТАНЕЦ – 75 ГОДИНИ МАКЕДОНСКИ КОД

Основан во март 1949 година во Скопје, ансамблот Танец веќе 75 години е еден од најстамените столбови на македонската традиција и култура, и недвосмислено, еден од главните темели на македонската државност. Формиран со цел да ги собира и негува македонските традиционални песни и игри, народните инструменти и носии носии, и преку соодветен уметнички израз, сценски да ги претстави највредните форми од богатата ризница на македонскиот народ, тој е денес една од најблескавите страници на македонската културна историја. Благодарение на сите генерации што ја градеа и реализираа јасно поставената програмската активност на основачите, ансамблот низ годините се развиваше и прерасна во институција за почит, издигнувајќи се на нивото на уметничка извонредност и симбол на културна раскош пред публиката ширум светот. Како подвижен музеј на нашето културно богатство, ансамблот во текот на овие 75 години остави белег на најпрестижните сцени во сите светски метрополи, на сите континенти и остварувајќи над 5000 незаборавни концерти. Репертоарот на Танец има над 90 кореографии и неколку стотици вокални и инструментални творби, преку кои ансамблот ги претставува разновидните музички и кореографски традиции од сите региони каде што се создавал богатиот македонски фолклор. Во фундусот на Танец се наоѓа уникатна збирка од 3000 автентични носии со исклучителна вредност и убавина, па оттука, секој настап на Ансамблот е посебно аудио-визуелно доживување. Денес, НУ Ансамбл за народни игри и песни Танец е модерна институција со приближно 100 вработени. Оваа година славиме голем јубилеј и додека ја одбележуваме оваа значајна отсечка во времето, ја имаме на ум целокупната седумиполдецениска посветеност и страст на сите генерации извонредни играорци, песнопојци, свирачи кои оставиле драгоцен дел од својот живот во Танец. Нивната непоколеблива заложба за зачувување и промовирање на македонските народни традиции, не само што го збогати македонскиот културен пејсаж, туку послужи и како транскултурен и сеопшт катализатор за дијалог и единство во глобални рамки. Нема да е претерано ако кажеме дека недвосмислената убавина на нашиот фолклор е вистински бисер во герданот на светското културно наследство, а Танец важна негова алка. Танец е наша и светска гордост, Танец е македонскиот идентитетски код (што е и слогант под кој ја прославуваме 75-годишнината), Танец е длабок печат во светската културна меморија!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.