Словенечкиот бенд „Лајбах“ го откажа концерт во украинската престолнина, кој требаше да се одржи кон крајот на март во рамките на специјалната евровизиска програма. Меѓу другото се наведува дека најавата предизвикала премногу полемики и дека сега не е вистинскиот момент за концертот, пишува N1 Словенија.
View this post on Instagram
Алтернативен рок-бенд денеска за агенцијата СТА потврди дека организаторот одлучил да го откаже нивниот настап бидејќи изјавата на „Лајбах“ предизвикала премногу полемики во Украина.
Во соопштението на оваа словенечка рок-група се наведува дека биле соочени со категорично барање експлицитно да наведат дека „сите Руси се лоши и оти целата руска уметност е безвредна“, на што, како што велат, не можеле да се согласат.
„Да нема забуна, ние ги сакаме руската литература, музика и уметност. Но, во оваа бесмислена војна меѓу Русија и Украина ние од сè срце сме на страната на Украина и нејзиниот народ, кој како во старата библиска приказна за Давид и Голијат – се бори достоинствено против посилниот непријател“, објави, меѓу другото, бендот „Лајбах“, додавајќи дека со концертот во Киев го следеле повикот на срцето, а не на умот.
Локалниот организатор на концертот на социјалните мрежи објави дека концертот е откажан поради жестока полемика за ставовите на групата за причините за војната во Украина.
„Со цел да се спречи непотребната поделба на Украинците во различни табори и да се елиминира причината за раздорот, решивме да го откажеме концертот“, објави организаторот на Фејсбук.
Продажбата на билети за концертот е прекината и на веб-страницата. Најавениот концерт на Лајбах во Киев претходно предизвика многу контроверзии на Фејсбук поради ставовите на бендот за причините за војната во Украина.
„Иако бендот покажа поддршка за Украина и Украинците и го осуди рускиот режим, голем дел од публиката категорично се спротивстави на доаѓањето на Лајбах“, објави Бел Етаџ мјузик хол во неделата на Фејсбук. Како што напишаа и тие, сега не е вистинско време за концерт.
Украинците ги споделија тврдењата на групата Лајбах дека актуелната војна е геополитички конфликт меѓу Русија и САД на украинска територија. Конфликтот е „цинична прокси војна за геостратешките интереси на суперсилите и финансискиот капитал (воената индустрија итн.)“, објасни групата за британски Гардијан при најавата за концертот во главниот град на Украина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.