Декември, музички започнува со еден концерт, кој ќе биде концертна промоција на еден нов албум.

Никола Мицевски, извонредниот музичар, композитор, аранжер…човек кој моќно стои позади клавијатурата за најпознатите македонски музички ѕвезди, на нивните концерти и е дел од музичките записи на легендарните нивни песни, на 9 декември, петок со почеток во 20 часот на сцената од Големата сала на Центарот за култура, заедно со 15 врвни музичари, а негови соработници ќе го одржи својот солистички концерт на кој ќе го промовира албумот „New Era“.

Идеите на Никола, за мешавина на балканските традиционални народни ритми и мелодиите со Западот, преточени преку модерните музички стилови на џез, фанк и музика од светот како посебен жанр, ќе имате шанса да ги слушате во живо на големата концертна сцена, преку една бројна и моќна музичка формација на неговите избраници.

Авторската музика на Никола Мицевски претставува еден сосем автентичен и нов пристап на фузија на жанрови, а на квалитетниот звук нема да останат имуни оние кои ќе дојдат на првиот концерт во Битола, а на стартот на новата 2023 година и во Скопје.

Непосредно, пред првиот концерт кој е овој петок, Никола Мицевски го деновиве го промовираше третиот сингл „Impulse“ од албумот „New Era“.

Со неговиот пристап кон македонската современа музика, која може слободно да парира на светските изданија од крајот на 20 и почетокот на новиот милениум, само потврдува дека е една поврзувачка карика на македонскиот со светскиот звук, токму заради таа фузија и внесување на новини во користењето на македонските и балканските мотиви на непосреден и искрен начин, надвор од клишеата кои се калемеле музички на овие простори.

На концертот посветен на промоцијата на албумот „New Era“ сум среќен што на сцената ќе донесам една елитна екипа на навистина феноменални и талентирани музичари од овие простори. Со нетрпение очекувам да го претставам новиот материјал прво пред мојата битолска публика, зошто токму во Битола ја започнав својата музичка кариера. Ова ќе биде прв концерт, од ваков профил и сметам дека е важно да се искуси магијата на уживање во живо на музиката која зрееше во мене, подолг низ на години. Јас сум музичар кој континуирано создава и настапува, но таа музичка нитка, тој развој на идејата за „New Era“ има некој свој мој интимен континуитет, на фаза која преку енормното богатство на клавијатурите и сите придружни инструменти ја подарувам на публиката, која сум сигурен дека слушачки ќе ужива, изјави Мицевски пред концертот.

Проектот „New Era” претставува симбиоза на различни жанрови, едно филмско начело фузирано со етно, рок и електро основи во служба на пијаното и солистички инструменти.

Eдно одлично музичко и визуелно патување кое ги поместува стандардите и границите на македонската инструментална музика.

После концертот во Битола, на старт на 2023 година ќе се одржи и голем концерт во Скопје, во МОБ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.