Првиот голем спектакуларен настан оваа сезона е резервиран за 27 мај, со почеток во 20 часот, на стадионот на АРМ, каде концерт ќе одржат ѕвездите на „Дајте музика“.
На денешната прес конференција организаторите ветија добра забава, информираа дека е набавена специјална ограда за посетителите, со оглед на фактот дека повеќето во публиката ќе бидат малолетни, нема да бидат повредени, но истовремено замолија навреме да се дојде на концертот, бидејќи ќе има и помали деца во публика кои порано заспиваат.
Слободно можат да дојдат деца од сите возрасти, па дури и најмалите, затоа што тие ја гарантираат нивната безбедност, а заради тоа од Бугарија стигнува безбедносната Моџо (МОЈО) ограда, информираше Бобан Милошевски, сопственик на „Авалон“, кој рече дека ја увезуваат од надвор и за овој, како и за сите други концерти на светските ѕвезди.
На денешната средба присуствуваше и продуцентката на проектот „Дајте музика“, Цаци Паковска, која рече дека за концертот имало интерес и во соседните земји, па се очекува да присуствуваат и родители со деца од соседните држави.
Горди сме на проектот кој започна пред три години и со кој ја промовираме македонската музика. За овој период издадовме три албуми и направивме 70 авторски песни, се препеаја најубавите македонски хитови кои на овој начин им ги приближивме и на помладите генерации. Децата од „Дајте музика“ станаа идоли на младата генерација и се радуваме затоа што тие влијаат и во однос на слушањето на македонска музика, рече Паковска.
Присутните новинари можеа да поразговараат и со Филип, Михаил и Стаси од проектот „Дајте музика“ кои рекоа дека секојдневно вежбаат пеење, кореографии и се подготвуваат за настапот.
Тие ги поканија на концертот и своите другари од СОС Детското село за кои подароци обезбеди „Алкалоид“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.