На концерт во Скопје, последен пат настапив пред шест години, во 2018 година, но многу добро се сеќавам на тој ден, знам точно и како бев облечена. Тој ден воопшто не ми се пееше, бев многу нервозна, што се вели не ми се живееше. Но, кога излегов на сцената, кога ја видов и слушнав публиката и со каков жар ме пречекува, можеби малку и се исплашив. Кога ја видов сета таа љубов и енергија, сфатив дека немам право да не дадам се од себе за да возвратам на најдобар начин. На крајот, тоа беше концерт на кој целата сала пееше во еден глас и кој ми остана во сеќавање и се надевам дека повторно ќе ги имаме истите позитивни емоции“.

Со вакви зборови, балканската музичка ѕвезда, Марија Шерифовиќ, го најави својот концерт во Скопје, што ќе се одржи на 2 ноември во салата Борис Трајковски.

­Шерифовиќ истакна дека блискоста со публиката и е многу важна и затоа и за скопскиот концерт ќе инсистира партерот да биде што поблиску до бината, за да може да има директен контакт со фановите.

Со својот бенд и со целиот продукциски тим имаме за цел со нашиот настап на луѓето да им ја поправиме душата, да им го оправиме срцето, да предизвикаме чувство дека ова им бил еден од најдобрите концерти во животот. Затоа, контактот со публиката ми е најважен. Сакам публиката да биде до мене, до бината и се трудам на секој концерт да запаметам барем по еден лик, една насмевка, за коишто ќе можам да раскажувам кога ќе остарам“, порача Шерифовиќ.

Концертот во Скопје, за Шерифовиќ е дел од турнејата „Доаѓа љубов“ (Долази љубав), во која се вклучени 30 градови и е планирано да трае до март.

Како што кажа Шерифовиќ, иако репертоарот за турнејата е одреден, се обидува на концертите да вметне по некоја песна специјално за публиката пред којашто настапува, па така ќе биде и во Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.