Марија Шерифовиќ често знае да каже дека најважно нешто при секој настап и е интеракцијата и блискоста со публиката, а судејќи според атмосферата во којашто помина нејзиниот концерт во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, може да се каже дека македонската публика и тоа како ги надмина и нејзините најголеми надежи.
Со еуфоријата којашто бликаше од секое ќоше на салата, фановите се потрудија со цело срце и сета своја енергија да бидат вклучени во настапот и да ги споделат позитивните емоции со својата музичка миленичка.
Такво нешто сакаше и бараше и самата Шерифовиќ, која на почетокот на концертот ја повика публиката да и биде партнер во песната „Пола сунца“ и да ја има улогата на Матија Цвек, кој пее во тандем со неа во оваа нумера, а за која, Марија кажа дека, според неа, тоа е совршен дует.
Присутните во салата сосема добро одговорија на предизвикот, но тоа не беше врвот на нивното директно учество во концертот.
Моментот од кој Шерифовиќ остана целосно без текст се случи при изведбата на „Молитва“, кога публиката спонтано, со звукот на првите акорди, во еден глас почна да ги пее стиховите со таков жар, што Марија на бината подзастана во позитивен шок и едноставно, сосема и ја препушти изведбата без таа да испушти глас.
Од тој момент натаму, се поднаруши предвиденото сценарио што Шерифовиќ го имаше планирано за концертот, па така, се најде простор и за таа да повика неколку припаднички од понежниот пол, кои од публиката дури и се придружија на Шерифовиќ и на сцената.
До завршувањето на музичкото дружење имаше време и за прекрасно ѕвездено небо и бројни бурни аплаузи кои взаемно си ги поделија публиката и бендот.
На крајот, кога сакаше да им се заблагодари на фановите за прекрасната вечер, Шерифовиќ практично остана без зборови, нешто за што таа кажа дека ретко и се случува. Но, тоа што сепак, Марија го истакна за македонската публика е дека е најдобрата пред којашто настапила.
А, кога Марија Шерифовиќ ќе каже нешто, без оглед дали добро или лошо, тие што барем малку ја познаваат, знаат дека навистина го мисли кажаното.
Веројатно и затоа, концертот на Марија Шерифовиќ во Скопје покажа дека таа и македонската публика се совршен музички пар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.