11 декември е датумот резервиран за премиерната дружба со македонската публика и концертот на Barcelona Gipsy balKan Orchestra (BGKO). Barcelona Gipsy balKan Orchestra (BGKO) е бендот, чиј вокал, неверојатната Маргерита Абита од Сицилија пред светот ја претстави магичната интерпретација на безвременскиот класик „Море сокол пие“. Начинот на кој Маргерита ја отпеа оваа традиционална песна, на чист македонски јазик ги собра симпатиите на јавноста, и не само домашната.
Концертот на Barcelona Gipsy balKan Orchestra (BGKO) е закажан во Македонската Филхармонија, со почеток во 20 часот, а екипата составена од Италијанката Маргерита Абита (вокал), Иван Ковачевиќ (контрабас, Србија), Стелиос Тогиас (перкусии, Грција), Жулиен Шанал (гитара, Франција), Чави Пендон, (кларинет, Шпанија), Пере Ноласк Туру (виолина, Шпанија) и Фернандо Салинас (хармоника, Шпанија) по 6 издадени албуми, концерти во повеќе од 40 земји, повеќе од 160 000 следбеници и 90М прегледи, доаѓа во Скопје во рамки на концертната турнеја по повод јубилејната 10. година од основањето.
Меѓу нивните последни интерпретации на традиционални песни од сите краишта на светот е и, како што велат самите, безвременскиот класик, нашата „Море сокол пие“, а на 11 декември публиката ќе може да ужива уште и во изведбите на „Македонско девојче“ и веселата и ритмична румба на кралицата на ромската песна Есма Реџепова – Теодосиевска „Калеја Јаца“.
Билетите веќе се пуштени во продажба преку продажната мрежа на МКтикетс , и тоа во три категории и по цена од 1000 и 1200 денари, како и 1500 денари за ВИП влезниците.
Сицилијанската пејачка Маргерита Абита донесе нови вкусови, свежа енергија и нова суштина во оркестарот на Barcelona Gipsy balKan Orchestra (BGKO) во ноември 2019 година.
Со албумот „Нова ера“ тие ја потврдија својата позиција како еден од најпознатите бендови во традиционалната музичка интерпретација, почитувајќи ги предците додека живеат во сегашноста.
Во нивните последни синглови, од вечниот македонски класик „Море сокол пие“ до сицилијанскиот фолклор во „Cu Ti Lu Dissi“, можеме да го цениме нивниот личен допир кога се свири музиката од Балканот, Блискиот Исток и медитеранските брегови; уникатен звук направен од разновидните уметнички влијанија на членовите.
Од оваа меѓународна формација произлегуваат најдобрите аранжмани, каде што секој инструмент има свое место и простор. Текстурите и тембрите се фино измешани во служба на секоја песна, од евоцирање емоции до френетичен транс ритам.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.