На Евровизија 2022 македонскиот претставник, кој допрва треба да го избереме, ќе пее во второто полуфинале. Со ждрепка преку пренос во живо, организаторите на Евросонг ги извлекоа земјите учеснички кои двете полуфинални вечери ќе учествуваат во ова најголемо музичко шоу во Европа кое годинава ќе се случи во мај во Торино, Италија.

Според распоредот првата полуфинална вечер оваа година ќе настапат претставници од  Албанија, Латвија, Швајцарија, Словенија, Бугарија, Молдавија, Украина, Литванија, Холандија, Норвешка, Русија, Португалија, Данска, Ерменија, Австрија, Хрватска, Исланд и Грција.

Македонскиот претставник пак, во втората полуфинална вечер за пласман во финале ќе се натпреварува со Австралија, Грузија, Кипар, Србија, Финска, Азербејџан, Сан Марино, Израел, Малта, Црна Гора, Романија, Чешка, Полска, Белгија, Естонија и Ирска.

За тоа, пак, кој ќе ја претставува нашата земја на овој голем музички настан во Торино ќе дознаеме на 4-ти февруари. Денес (28 јануари) во емисијата ,,Стисни плеј” на МТВ (со почеток во 22 часот), ќе бидат претставени сите шест песни избрани на конкурсот на Македонската радио телевизија, по што публиката ќе може да гласа за својот фаворит.

На домашниот избор на песна за Евровизија 2022 ќе се натпреваруваат Лара Иванова, Кали, Виктор Апостоловски, Рис Флауер, Јон Ајдини и Андреа Коевска.

Како потсетување, шестте песни се избрани од вкупно пристигнати 47 композиции на Конкурсот, кои ги исполнија бараните пропозиции. За избор на домашниот претставник ќе гласаат стручно жири и публика, по принципот 50-50. Ова онлајн гласање ќе трае до четврти февруари, кога ќе биде и официјално објавено кој ќе ја претставува Македонија на Евросонг во Торино.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.