На 28.04.2024, спортската сала Боро Чурлевски во Битола ќе ечи во звуците на најдобрите македонски рок хитови. За првпат по речиси една деценија, спортската сала Боро Чурлевски во Битола ќе биде домаќин на голем рок концерт организиран од најдобриот битолски бренд НУ Камерен Оркестар на Битола.

Македонска Рок Симфонија е настан на кој присутните ќе имаат можност да ги слушнат најдобрите македонски рок хитови од Архангел, Леб и Сол, Ареа, Лева Патика во изведба на НУ Камерен Оркестар на Битола и Дани Димитровска, Ружица (Ареа), Јасн Димитровска, Ана Петановска и Сашо Паркет.

„Спортската сала Боро Чурлевски во минатото била домаќин на голем број концерти. Пред неколку години, салата беше комплетно реновирана, што повторно ја прави атрактивна за концерти. Поради тоа, НУ Камерен оркестар на Битола, со поддршка од општина Битола, одлучивме да организираме концерт во спортската сала. Изборот на темата на концертот не е воопшто случаен, сакавме спортската сала да ечи во звуците на нашите најдобри македонски рок хитови. Изјавуваме огромна благодарност до Министерство за култура, и општина Битола за нивната поддршка и за давањето на овој простор на располагање за концертот. Се надеваме дека присутните ќе уживаат во звуците на македонскиот рок и дека овој концерт ќе го означи почетокот за многу други концерти во спортската сала Боро Чурлевски“, изјави директорот на Камерниот оркестар, Владимир Димовски.

Билетите за концертот Македонска Рок Симфонија се пуштени во продажба од 22.04.2024, по цена од 400 денари во Тобако Димпо, Битола, локации: Ленски мост, Грозд, Нов пазар, секој ден од 09 до 23 часот, а резервации, може да се направат на +38975542555.

За повеќе информации, следете ги профилите на НУ Камерен Оркестар на Битола на Facebook и Instagram.


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.